Новоизбраниот технички премиер Талат Џафери, за утре, 30.01.2024 година (вторник), со почеток во 12:00 часот, ја закажа првата седница на новоизбраниот владин состав. Од Владата велат дека за заклучоците и одлуките на седницата, јавноста ќе биде информирана по завршувањето на седницата.
За 100-те дена мандат до изборите, Џафери денеска рече дека Уставот и законите ќе бидат основа за секоја владина одлука. Тој на заедничката прес-конференција со сега веќе поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, порача дека со министрите ќе ги направат сите предуслови изборите да бидат фер и демократски.
-Приоритет е стандардот на граѓаните, рече Џафери и најави унапредување на стратешкото партнерство со ЕУ, НАТО и САД.
И додека Ковачевски веќе се фокусира на партиските активности на неговата партија и разговори со коалициските партнери, Џафери е во согледување на организираноста во владата и подготовка на првата владина седница.