Од моите досегашни настапи, но и низ принципиелната позиција која како јавен интелектуалец и професор ја застапувам со години, секој може да претпостави дека ќе се залагам за враќање на народниот ама и државниот суверенитет на Македонија, која е престорена во колонија на Западот и некои од соседите, а вклучително и на мултинационални компании. Сите тие црпат профит, дури и по цена на здравјето и животната околина, а нашиве елити распродаваат сè што преостана. Toa подразбира и ослободување од синџирите на трите договори кои нè влечат кон дното, вели во интервју за „Локално“, кандидатката за претседател, професорката Билјана Ванковска, презентирајќи дел од нејзината програма за претстојните избори.
Нејзините шанси ги гледа, како што вели, не само во оригиналноста на програмата со која ќе излезам, туку и во храброста со која ќе настапам и ќе го кажам сето она што народот го знае и чувствува ама му е страв да го каже гласно.
-Патот до вториот круг води преку еден претерано фаворизиран кандидат и еден претерано истрошен актуелен кандидат. Во демократијата одлучува народот, а јас сакам да бидам народен претседател. Така оди и мојата кампања за собирање потписи, истакнува Ванковска, која доби поддршка од партијата Левица.
За опозициската партија и лидерот и пратеник, Димитар Апасиев, професорката вели дека го познава од времето на неговите студентски и демонстраторски денови.
-Не можеме со народни песни и ора, со солзи и веење знамиња, па и со Фејсбук статуси да се справиме со ова зло што нè нападнало и однатре и однадвор. Во предвечерјето на референдумот за Преспанскиот договор и јас напишав пост со зборот „F“ (ќе погодите што значи тоа на англиски) – и му го упатив на специјалниот пратеник на САД кој буквални ни ја силуваше народната волја. И за мене се зборува дека имам остар јазик, и верувајте ќе го користам таму каде што ќе биде потребно нештата да се кажат без ракавици и вртење како дожд околу Крагујевац, порача кандидатката за претседателка на државата.
На прашањето како би го откочила евроинтегративниот пат на земјава, Ванковска бара и очекува револуција.
-Менување на нештата од корен. ЕУ се закочи самата себе во војни и економска станганција, протести на земјоделци и работници, левицата расте и протестира. Конечно, треба да се почувствуваме како Македонци, да засукаме ракави и да си ја средиме земјата, а за тоа време ЕУ нека си ги решава своите проблеми. Ако може да ѝ отвори порта на земја во војна, таа покажува дека за некого е мајка а за нас маќеа – кога дозволува Бугарија и Грција да се изживуваат за нешта кои немаат никаква врска ни со прогрес ни со Копенхашки критериуми, објаснува професорката.
Кои ќе бидат клучните точки од вашата програма за претседателските избори 2024 година?
-Мојата изборна програма е одамна подготвена и преведена и на англиски јазик. Во изминатиот период имав можност да добијам мислења од луѓе кои многу ги почитувам, а со кои споделувам интелектуални и вредносни принципи, но и левичарски поглед на светот. Нивниот одговор беше навистина многу позитивен. Согласно законските и политичките правила на изборниот процес, во моментов не можам да одам јавно со содржината на програмата, па граѓаните ќе треба да почекаат најнапред да станам претседателски кандидат (односно да ги соберам потребните 10.000 потписи, што тоа очекувам да се случи денес или утре). Од моите досегашни настапи, но и низ принципиелната позиција која како јавен интелектуалец и професор ја застапувам со години, секој може да претпостави дека ќе се залагам за враќање на народниот ама и државниот суверенитет на Македонија, која е престорена во колонија на Западот и некои од соседите, а вклучително и на мултинационални компании. Сите тие црпат профит, дури и по цена на здравјето и животната околина, а нашиве елити распродаваат сè што преостана. Toa подразбира и ослободување од синџирите на трите договори кои нè влечат кон дното. Втората позиција е залагање за воена неутралност и вклучување во борбата за изградба на нов светски поредок заснован на мирољубива коегзистенција и зачувување на мирот во светот, заштита на животот и ресурсите, јакнење на меѓународната солидарност со угнетените. Третата позиција е развивање на широка мрежа на соработка со сите добронамерни земји, а во наш национален интерес заради задржување на младите во земјата, отворање пазари, развој на земјоделието (особено, здрава храна), итн. Накусо, ние или ќе се отвориме кон светот или ќе заглавиме во туѓи геополитички војни за кои ќе гинат нашите млади луѓе.
Актуелниот претседател Пендаровски, кој повторно ќе биде поддржан од актуелната гарнитура, ќе трча за втор мандат. Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ убедени се во голема победа уште во првиот круг. Каде се гледате вие во овие пресметки, како ги оценувате вашите шанси?
-Веќе се забележува една фрагментирана сцена околу претседателските избори. За жал, албанските кандидати решија да си ги мерат силите само во етничкиот атар, и тоа заради одмерување на политичката сила пред парламентарните избори. Актуелниот претседател стартува со толку лош и блед завршен мандат и како кандидат на една нокаутирана партија, што никој и не го гледа како некаков „голем играч“. Секако, машинеријата на СДСМ ќе даде сè од себе, ама јас не знам на каков начин ќе успеат да ги подигнат своите гласачи да излезат на 24 април. Всушност, се чини и ние не го перципираме како сериозен претендент за влез во вториот круг. Настапот на ВМРО-ДПМНЕ е веќе исполнет со триумфализам, кој веќе преминува кон ароганција и таква самобеднисаност и потценување на сите останати како неважни пред нивната кандидатка што создава одбивност. Тоа е и доказ за немање демократски капацитет и култура на однесување. Тие се однесуваат борговски (како оние од Ѕвездени патеки, како еден ум, едно тело, како некој кој се претопил во една партија). Таквиот пристап ја фрла во сенка и колешката Силјановска-Давкова, која и пред конвенцијата да ја потврди веќе добива огномети и „ѕвездени неба“ таму каде што партијата ќе ѝ организира претставување. Моите шанси ги гледам не само во оригиналноста на програмата со која ќе излезам, туку и во храброста со која ќе настапам и ќе го кажам сето она што народот го знае и чувствува ама му е страв да го каже гласно. Патот до вториот круг води преку еден претерано фаворизиран кандидат и еден претерано истрошен актуелен кандидат. Во демократијата одлучува народот, а јас сакам да бидам народен претседател. Така оди и мојата кампања за собирање потписи.
Борбата во албанскиот блок ќе биде помеѓу Османи и Таравари, а и двајцата се надеваат на победа. Што би значело тоа за државата?
-Веќе реков дека за жал албанските кандидати воопшто и не се обраќаат на не-Албанците, туку се загреваат за парламентарните избори. За нив овој изборен циклус е „загревање“. Уште поинтересно и позагрижувачки е натпреварот во дополнителната етнизација на државата, со барањата на кандидатите за доаѓање на претседателската функција по етнички клуч, т.е. пазар, а не со народна волја. Тоа е либанизација на Македонија и не ветува ништо добро. Особено ако така продолжат и во парламентарната кампања.
Поддршка добивте од Левица и нивниот претседател Димитар Апасиев, кој е „остар на јазик“ кога се работи за албанските партии и нивното делување кон уништување на државата. Ги делите ли неговите ставови за овие прашања?
-Добив поддршка од членството, по пат на селекција, па телата на партијата, бев претставена пред членовите на Централниот комитет и од нив ја добив целосната поддршка со акламација. Апсиев го познавам од времето на неговите студентски и демонстраторски денови, тогаш кога на другите факултети ги затвараа вратите за студентската организација „Слободен индекс“, јас ја отворив мојата училница. Сме биле соборци и низ многу други битки. Знам дека повозрасната популација и особено поконзервативните и пуританците му забележуваат за „остриот јазик“ – ама јас не. Мислам дека си патиме од пристојност и „финоќа“. Не можеме со народни песни и ора, со солзи и веење знамиња, па и со Фејсбук статуси да се справиме со ова зло што нè нападнало и однатре и однадвор. Во предвечерјето на референдумот за Преспанскиот договор и јас напишав пост со зборот „F“ (ќе погодите што значи тоа на англиски) – и му го упатив на специјалниот пратеник на САД кој буквално ни ја силуваше народната волја. И за мене се зборува дека имам остар јазик, и верувајте ќе го користам таму каде што ќе биде потребно нештата да се кажат без ракавици и вртење како дожд околу Крагујевац. Не ми се својствени лични навреди, ама знам нештата да ги кажам со вистинско име. Работата ни е таква што мораме да се бориме без глумење лудило.
Доколку ден по првиот треба да решите на кого ќе ја дадете својата поддршка во вториот, дали ќе ги повикате граѓаните да гласаат за некој од против-кандидатите?
-Јас бев вџашена што такви комбинаторики се појавија уште на денот кога ја објавив намерата да собирам потписи. И тоа е знак на политичка ароганција: некого го сметате за аутсајдер кој ви се меша во привилегираната зона, па уште и гласовите очекувате да ви ги подари!?! Тоа е незамисливо и недемократски. Интересно е што тие што ги очекуваат гласовите дадени за мене не кажуваат дека би постапиле обратно, ако јас бидам во вториот круг. Зборот „контингенти“ ми создава мачнина, а во политиката треба да се потрудите да заслужите доверба, а не гласовите (па и потписите) да ги третирате како паричка за пазарење.
Како (и дали) вие би го откочиле евроинтегративниот пат на земјава? Велите земјава нема да пропадне без ЕУ, за разлика од реториката на Владата…
-Додека сите главни политички личности зборуваат (мантраат) за одење кон ЕУ и реформи, јас барам и очекувам револуција. Менување на нештата од корен. ЕУ се закочи самата себе во војни и економска станганција, протести на земјоделци и работници, левицата расте и протестира. Конечно, треба да се почувствуваме како Македонци, да засукаме ракави и да си ја средиме земјата, а за тоа време ЕУ нека си ги решава своите проблеми. Ако може да ѝ отвори порта на земја во војна, таа покажува дека за некого е мајка а за нас маќеа – кога дозволува Бугарија и Грција да се изживуваат за нешта кои немаат никаква врска ни со прогрес ни со Копенхашки критериуми. Јас сум за тоа да соработуваме со ЕУ, ама прво да видиме каде е нашиот национален интерес. Цената за НАТО беше прескапа, не ни треба ЕУ ако треба да се самоукинеме. Опции има, светот е голем, треба да бараме нови алтернативи без да се откажеме од вродениот ни европски идентитет.
Изборите во САД годинава може да направат пресврт во земјата и да го дочекаат враќањето на Трамп на власт. Како тоа може да се одрази на актуелната гео-политичка ситуација и каде ја гледате Македонија по еден таков настан?
-Како и да завршат изборите во САД ќе имаат влијание врз геополитиката. Ако не дојде некој поразумен, светот ќе влезе во Трета светска војна. Што се донесува до Трамп, тој може да биде оној кој ќе ни даде „шут-карта“ од толку фаленото НАТО, бидејќи тој се однесува како рекетар. Ќе ви создадат лом во светот, ќе го доведат до катастрофа, па потопа ви нудат заштита и тоа за ваши пари (и кредити)!? Каде е тука сојузништвото?
Очекувате ли фер и демократски изборен процес?
-Изборниот процес за мене и дел од противкандидатите веќе започна, а јас можев и лично од граѓаните да слушнам за принуда, поткуп, а на себе ги чувствувам „отровните стрели“ и од десно и од лево и од надвор. Но, подготвена сум да одам до крај. Без оглед на сè. Народот ќе умее да препознае автентичен и искрен човек и лидер, а не партиска или странска марионета.
Н.П.