Има доста показатели кои укажуваат дека состојбите во образованието не се поволни. Има индикатори за сите нивоа, од тука мислам дека е непотребно да се диагностицира некој посебен простор. Состојбите не се како што треба и како што очекувавме, крајно време е сите овие индикатори да пробудат свет во чинителите и нешто да тргне на подобро во образованието, вели поранешниот министер за образование, Азис Положани.
-Образованието не може да се исклучи од комплексниот транзиционен период, има многу аспекти кои влијаат врз него. Треба да се земе целокупната состојба, пред се економијата и интеграцијата. Не успеавме да обезбедиме континуитет на образовни политики и реформи кое ќе биде проследено во повеќе од една политичка гарнитура. Има недостаток на една стратегија која ќе ни покаже каде ќе стигнеме и да ги направи инструментите преку кои ќе стигнеме до одредено ниво во образованието, вели Положани.
Тој додава дека актуелната влада прави напори да се средат некои сегменти, преку законот за основно и стурчно образование, но според него тоа не е најдобар пристап.
-Нашите стручњаци треба да направат стратегија во соработка со меѓународните фактори. Имаме кадри кои може во соработка со министерството и владата да се направи таа стратегија. Имаме показатели каде ни се слабостите, тоа е предшколското образвание, кое е дирекно поврзано со понатамошните сегменти. Исто има проблем и во средното образование, вели Положани.