Ахмети, Таравари и Гаши во понеделник ќе учествуваат на средбата што ја свика премиерот Ковачевски

од Destan Jonuzi

Демократската унија за интеграција (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива го потврдија учеството на средбата на лидерите на парламентарните партии што во понеделник ја свика лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.

Од ДУИ за „Локално“ велат дека за важни теми кои имаат врска со евроинтеграциите на земјава, нема сомнение дека треба да седнат на маса сите политички партии, без разлика на нивните ориентации.

Алијансата за Албанците на состанокот во четврток навечер одлучи да учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии што за во понеделник ја свика премиерот Димитар Ковачевски.

Како што дознава „Локално“, на средбата оваа партија ќе ги изнесе своите ставови за многу актуелни политички прашања во земјава, меѓу кои и барањето за бришење на „20%“ за Албанскиот јазик од Уставот.

Во меѓувреме, за средбата на лидерите на партиите на Албанците што ја свика лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, од АА велат дека „ќе останат во комуникација со сите албански партии“.

„Локално“ дознава дека и претседателот партијата Алтернатива, Африм Гаши ќе учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии што ја свика премиерот Димитар Ковачевски.

Од друга страна, движењето БЕСА на Билал Касами се уште нема одлучено дали ќе учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии што ја свика премиерот Димитар Ковачевски.

– Откако ќе одлучи централното раководство на партијата, ќе го соопштиме нашиот став, изјави за „Локално“, Фарук Авдиу – портпарол на Движењето БЕСА.

Премиерот Димитар Ковачевски свика лидерска средба на парламентарните политички партии, што ќе се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Северна Македонија.

Средбата која ја свикува претседателот на Владата, како што соопшти владината прес-служба, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.

Д.Ј.

Слични содржини