„Ако Германија кивне, Македонија ќе крене температура“: Кризата во најголемата европска економија ќе го намали извозот од земјава

од Vladimir Zorba

Негативните вести кои стигаат последниве денови за стагнација на германската економија ги зголемија песимистичките очекувања на економските аналитичари. Според дел од нив не станува збор само за краткорочна техничка рецесија туку за структурна криза која ќе трае со години. Ефектите од стагнацијата на германската економија според Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, веќе се чувствуваат во Македонија а тоа вели е особено видливо во автомобилската индустрија.

Нема дилема дека ако Германија кивне, Македонија ќе крене температура. Пола од македонскиот извоз завршува во Германија, па и мал пад на извозот таму е доволен да доведе до рецесија во МакедонијаИмпликациите од ова за Македонија се дека ќе се намалува и извозот во Германија, и инвестициите кои доаѓаат од таму. И затоа државата сега треба повеќе да се фокусира на домашни инвестиции, а не само на странски, како што правеше со години. Тој модел на економски раст, базиран на привлекување странски инвестиции со нудење евтина работна сила и ослободување од даноци, секако беше многу проблематичен, па еве сега шанса конечно да се смениМногу е важно нашите политичари да го разберат ова и да се свртат кон стимулирање на домашни инвестиции и иновации, а не само да трчаат по странци, вели Јовановиќ за Локално.

Бранимир Јовановиќ

Бранимир Јовановиќ

Иако бројките покажуваат дека економијата во Германија тапка во место без знаци за брзо опоравување, кризата според Јовановиќ не се  очекува да доведе до отпуштања на работници и раст на сиромаштијата во оваа земја, туку до преиспитување на темелите на кои е заснована германската економија а тоа се евтиниот гас од Русија, евтината работна сила од Истокот и штедењето од страна на државата.

Рускиот гас веќе го нема, што им го поскапи производството на многу фирми таму, евтината работна сила станува сѐ поскапа, и економски и политички, а политиката на штедење во такви услови е како на тешко болен човек да му кажуваш дека треба да држи диета. Најлошото од сѐ е што не се наѕира крај на проблемите, затоа што германскиот министер за финансии нема намера да отстапи од политиката на штедење, што значи дека нема да има државна поддршка за да се случат реформите кои се неопходни за Германија да излезе од криза, објаснува Јовановиќ.

Анализирајќи ги состојбите во автомобилската индустрија, претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо неодамна во интервју за „Локално“ посочи дека компаниите во Македонија веќе чувствуваат забавување, намалување и одложување на нарачките за нови возила како за оваа така и за следната година.

Виктор Мизо

Виктор Мизо

Според него во првата половина од годинава во Европа се продадени повеќе возила од лани но тоа е сеуште помалку од пред пандемијата. Инфлацијата и растот на каматните стапки ја зголемуваат несигурноста кај населението за купување автомобил па од таму се и неговите очекувања дека до крајот на годинава продажбата на нови возила во Европа ќе се намали.

К.В.С.

Слични содржини