Акција за чистење на Охрид пред летната туристичка сезона

од desk4

   Околу 1.500 граѓани на Охрид пројавиле интерес активно да се вклучат во големата еколошка акција „Мој Охрид, чист Охрид“ што денеска ќе биде спроведена на пошироката територија на градот и долж источното крајбрежје на Охридското Езеро.

Во рамки на акцијата, организирана од охридските медиуми, еколошки и спортски друштва, а со подршка на локалната бизнис-заедницата и локалната самоуправа, е предвидено да се чистат најпосетуваните делови на градот, неговото централно подрачје и плажите каде е најголемата фреквенција на туристи.

Организаторите на акцијата подрачјето на потегот од населбата Воска во самиот град се до хотелот „Десарет“ ја поделија на девет реони, со цел групите организирани за чистење да можат поефикасно да работат на терен, а и да биде олеснето собирањето на отпадот од комуналните служби.

За сите учесници обезбедени се вреќи, вода и ракавици, а екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе бидат на располагање за помош при евентуални поситни повреди. За оние што ќе се вклучат во акцијата, а ќе собираат отпад подалеку од градот обезбеден е превоз.

Активно во акцијата ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на Охридското Езеро на потегот пред селото Пештани.

Собраниот отпад ќе биде оставен на одредени локации, а за негова дислокација е задолжено ЈП „Охридски комуналец“.

Слични содржини