Алтернатива за „Локално“: Засега не е разговарано кои позиции ќе ги имаме во идната влада

од Берта Китинска

Во медиумите по вчерашната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, беше објавено името на Беким Сали како можен наследник на министерот за здравство Венко Филипче. Воедно според информациите покрај ова министерско место од партијата која е на чекор да биде дел од власат била побарана и вицепремиерска позиција.

-Моментално ги финализираме принципите на заедничкото владеење и програмските определби. Потоа следува делот за ресорите и кадровската политика, вели во изјава за Локално, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани.

Од партијата велат дека засега не е разговарано за позициите кои треба да ги има Алтернатива во идната влада.

-Што се однесува до позициите кои треба да ги има Алтернатива во идната власт, до овој момент нема никакви понуди ниту пак барања од наша страна, вели Муртезани.

По вчерашната средба владината прес-служба соопшти дека тие постигнале „начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка, изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата“.

-Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, пришто се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, стои во соопштението на владата.

Слични содржини