Американска донација од 400 илјади долари за реновирање на првиот спрат од Клиниката за гастро

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, денеска беше во посета на  Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, каде е комплетно реновиран првиот спрат за интензивна и постинтензивна нега на Клиниката, вклучувајки ги кабинетите за дијагностика и интервенции.

„Најтешко болните пациенти од целата држава кои имаат потреба за болнички третман на Клиниката за гастроентерохепатологија отсега ќе престојуваат во достоинствени услови и ќе добиваат современи медицински услуги.

Пациентите кои имаат потреба од дијагностика и интервенции, ќе бидат прегледувани и третирани во новоопремени кабинети за дијагностички и интервентни процедури. Ова е прво вакво реновирање, откако е формирана Клиниката за гастроентерохепатологија“, рече премиерот Ковачевски.

Реновирањето е во најголем дел финансирано од Владата на САД, конкретно од Командата на Соединетите Американски Држави за Европа, во вредност од над 400-тини илјади американски долари, наменето е за граѓаните на Република Северна Македонија, а е реализирано во соработка со Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар во Скопје, поради што премиерот Ковачевски се заблагодари до амбасадорката на САД и до директорката на Клиниката.

„Почитувана амбасадорке на САД, Ангела Агелер, благодарност до граѓаните и до Владата на САД за огромната поддршка од Соединетите Американски Држави – на Република Северна Македонија – во сите важни процеси, но и на конкретно ниво, преку проекти од суштинско значење за квалитетот на живот на нашите граѓани. Преку истата оваа програма за хуманитарна помош од САД, знам дека се прошируваат и капацитетите на Клиниката за хематологија, а се проширени капацитетите и се реновирани операционите сали на Клиниката за максилофацијална хирургија.

Односно, околу 14 милиони долари во изминативе 13 години е поддршката преку оваа американска програма за хуманитарна помош во здравството, образованието и за менаџирањето со кризи. И ова е вистинско пријателство на дело.

Република Северна Македонија е на вистинскиот колосек, имаме искрени и вистински пријатели од меѓународниот демократски свет и ете ова значи да се биде кредибилен партнер на меѓународната заедница“, рече премиерот Ковачевски.

Амбасадорката на САД во државава, Ангела Агелер, во обраќањето порача дека oваа поддршката е како за пациентите, така и за посветениот медицински персонал на клиниката, којшто работи добро и на посветен начин.

„Целиот спрат на Клиниката е целосно реновиран и значително го подобри не само нејзиниот капацитет, туку и нивото на услуга што им ја дава на граѓаните. САД, ЕК донираат 400.000 долари за реновирање и тоа е само уште еден пример за долгогодишната посветеност што ја направивме да ѝ помогнеме на Северна Македонија да изгради доверба и квалитет во институциите“, рече амбасадорката Агелер.

Слични содржини