АНАЛИЗА: За пет седмици починале 678 лица , од нив 591 пациент не биле вакцинирани

од Берта Китинска

Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 06 август заклучно со 9 септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

-Во период од 06.08 до 09.09.2021 на територија на државата 26.053 граѓани, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19.

Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид 19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, соопштија од МЗ.

Слични содржини