Анчелоти: Модриќ ќе ја заврши кариерата во Реал, тој е како Малдини

од Vladimir Zorba

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е убеден дека Лука Модриќ ќе ја заврши кариерата во клубот, иако договорот на 36-годишниот играч за врска се уште не е обновен.

Тој ја прокоментира и физичката кондиција на тимот и беше дециден дека нема проблем меѓу него и Тони Крос и покрај реакцијата на Германецот на неговата замена против Челси.

„Лука кариерата ќе ја заврши во Реал Мадрид. Не знам кога тоа ќе се случи, но тоа е идејата. Ниту тој, ниту клубот немаат проблем да го продолжат договорот, се е јасно. Тој е многу внимателен и нема сериозни повреди во текот на кариерата и тоа многу му помага. Водев фудбалска легенда – Паоло Малдини, кој го освои својот последен трофеј во Лигата на шампионите на 40-годишна возраст. Ако треба да го споредам Лука со некого, тоа би бил Паоло поради неговиот квалитет, неговата сериозност и начинот на кој го разбира фудбалот. И двајцата се легенди“, вели Италијанецот.

„Тимот ми изгледа прилично добар физички. Против Севиља ќе отсуствуваат Марсело и Ферлан Менди, иако ова не е нешто сериозно. Тимот е добар и го покажува тоа. Така беше и во продолжението против Челси, каде што имавме помали потешкотии отколку во регуларното време. Имаме енергија и некои играчи ни помогнаа со својот придонес во овој аспект. Се чини дека можеме да дојдеме до крајот на сезоната во добра форма“.

„Атмосферата во соблекувалната е нешто што треба да го земам во предвид и да го анализирам. Мирот на играчите е многу важен и одвојувам време да го направам тоа. Тоа што му се случи на Крос не ме изнервира. Беше лут на тренерот, а не на човекот. Нема потреба да разговараме, се погледнавме во очи и се е во ред. Немам проблеми со него затоа што освен како спортист, тој е на многу високо ниво како личност. Немам потреба да разговарам со него или да барам објаснувања. Се заврши по натпреварот“, изјави Анчелоти на својата прес-конференција пред натпреварот против Севиља.

Слични содржини