Автосаеми: Дали сексот уште продава?

од desk2

Од 60-тите и 70-тите е вообичаено на големите автосаеми да има модели кои ги красат штандовите на автопроизводителите, застанати до најновите модели на возила.

Сексот продава и автомобилската индустрија го знаеше тоа многу добро и го користеше со децении.

Во Женева годинава има видно помалку хостеси на штандовите, а и таму каде што ги има, хостесите повеќе личат на „девојката од соседството“, во фармерки, патики и поло маички или фустани што не се премногу разголени.

Годинашното издание на автосаемот во Женева засега поминува во знак на посветеноста на брендовите да влезат во чекор со модерното време, поттикнати од кампањата #MeToo што веќе ја тресе филмската индустрија.

Стравувајќи дека ќе бидат перцепирани како сексистички и мизогини настроени, повеќето брендови се откажаа од згодните хостеси и ангажираа експерти кои им ги презентираат моделите на присутните.

Некои брендови, како холандскиот проиводител на гуми „Vredestein“ и швајцарскиот „Cooper Tires“, изгледа „не биле на предавањето против сексизам“ и на својот штанд ставија секси хостеси.

Јапонските производители Toyota и Nissan уште пред почетокот на 88. Автосаем во Женева соопштија дека нема да користат хостеси на своите штандови, а наводно договорите со моделите ги раскинал и италијанскиот гигант FIAT поради сѐ почестите критики од јавноста.

„Времињата се менуваат. Сѐ повеќе има смисла да користиме специјалисти бидејќи ние се обидуваме да продадеме автомобили“, рече портпаролката на Nissan Сара Џенкинс.

Од друга страна, француската групација PSA има друго решение – покрај женските модели ќе има и машки.

Иако организаторите на саемот во Женева им оставија одврзани раце на учесниците во изборот на тоа како ќе ги претстават своите модели, автопроизводителите се претпазливи бидејќи сексизмот станува сѐ поактуелна тема.

 

Слични содржини