Беџети: До крајот на септември ќе се подобри наплатата на ДДВ-то

од Vladimir Zorba

Изненаден од фактичките бројки кои покажуваат намалување на приливите од ДДВ во државната каса, универзитетскиот професор Абилменаф Беџети вели дека  потфрлањето изнесува околу 8 % и е значително и загрижувачко особено во време на сеуште висок раст на цените на производите.

Како делумно разбирлив го посочува фактот  дека на вкупната сума од наплатен данок, значително влијание имаат намалените стапки на ДДВ, но и неформалната економија.

Мора да се подвлече дека покрај даночната евазија влијаеле и намалените стапки на ДДВ-то кои поради кризата се применуваа до 30 јуни. ДДВ-то како систем во себе има изграден т.н даночен полицаец , бидејќи секоја наредна алка во системот ја контролира претходната и се смета како најефикасен во делот на наплатата и не би требало да има изразено потфрлање од проектираното, вели во изјава за „Локално“, Беџети.

Последните податоци на Министерството за финансии покажаа дека од данокот на додадена вредност во првите седум месеци од годинава се собрани 112 милиони евра помалку од планираното. На периодот што следи, Беџети гледа пооптимистички  бидејќи како што вели тој има голем простор за делување и подобрување на наплатата на данокот како еден од најголемите полначи на буџетот.

Прстот го вперува во инспекторите кои треба да работат во насока на сузбивање на сивата економија.

Мислам дека трендот би требало да се подобри до крајот на септември и заради зголемениот промет на добра и услуги во летниот период како од страна на дијаспората така и од динамичните движења на домашните граѓани. Сето ова, заедно со засилените контроли од страна на надлежните инспекциски служби како УЈП, Пазарна и трудова инспекција. Дефинитивно но и научно потврдено е дека сеуште е многу висок процентот на неформална економија кој доминанто произлегува од даночната евазија. Крајно време е да се контролираат обврзниците и да се едуцираат потрошувачите да не плаќаат ништо без фискална сметка. Навредувачки па дури и потценувачки е продавач и сопственик на пример на ќебапчилнца во центарот на градот и во скопската чаршија, да постапуваат различно и селективно со клиентите, на едни да им се дава фискална а на другите не, злоупотребувајки ги клиентите.Ова е класичен пример кој секој ден може да се провери а има стотици инспектори во државата, објаснува академик Беџети.

Според Министерството за финансии, во периодот од 1 јануари до 18 август годинава наплатата на ДДВ на нето- основа е повисока за 4,8 %. Вкупните приходи во однос на лани се повисоки за 12,5 % и тоа кај данокот на личен доход за 15,2 %, кај данокот на добивка за 6,7 %, кај акцизите се повисоки за 5,9 %, кај увозните давачки  за 9,9 %, а кај придонесите за 19,3 %.

К.В.С.

Слични содржини