Беќаровски: Ваша е одлуката дали ќе им верувате на црните мантии или на белите мантили

од Nikola Popovski

„Црно-бело. Дали ќе им верувате на црните мантии во чии книги пишува дека земјата е плоча, или на белите мантили одлуката е само Ваша“, објави докторот од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски, на својот Фејсбук профил.

Тој апелира граѓаните да останат овие празнични денови надвор на чист воздух, за да не дишат подоцна течен кислород внатре.

Министерот за здравство, Венко Филипче синоќа со објава на социјалните мреќи му одговори на Владиката Петар кој неодамна искоментира дека „ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви“.

„Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници. Почитуван Владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот. Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, објави Филипче.

Слични содржини