БЕСА за идејата Албанец премиер: ДУИ ја актуелизира темата секогаш кога треба да се прикрие корупциска афера

од Nikola Popovski

Не коментираме теми и договори меѓу други политички партии, велат за „Локално“ од партијата БЕСА откако синоќа повторно се начна темата околу договорот за Албанец премиер меѓу владеачките СДСМ и ДУИ.

Од опозициската партија додаваат дека со ова „ДУИ сака да прикрие некоја корупциска афера“.

-Само едно сме сигурни дека секогаш кога треба да се прикрива некоја коруптивна афера, ДУИ маестрално се обидува да ја актуализира оваа тема, истакна портпаролот на БЕСА, Фарук Авдиу.

Народниот правобранител Насер Зибери синоќа во гостување на дебатна емисија изјави дека очекува да се испочитува договорот за Албанец премиер.

-Имиџот на првиот премиер верувам остави впечаток кај сите граѓаните, и ова несомнено дека претставува љубопитност за секој. Верувам дека ова ветување не е само заборавено ветување, верувам дека договорот помеѓу двата главни субјекти на власт ќе се почитува и во последните три месеци ќе се реализира, инаку и поранешниот лидер на СДСМ потврди лично дека тоа е договорено и дека таквото ветување за Албанците ќе стане реалност, кажа Зибери.

Поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев во 2020 година рече дека со претседателот на ДУИ Али Ахмети ја договориле и усогласиле рамката на новата коалициона влада, која предвидува на 100 дена пред избори – ДУИ да предложи премиер.

-Јас ја добив честа да бидам претседател на владата во полн 4-годишен мандат. Покажав доблест, како градење на доверба, сите на 100 дена пред пред избори да бидат рамноправни, коалиционите партнери на предлог на ДУИ ќе го постават премиерот кој 100 дена ќе ја води владата, рече тогаш Заев, по што Ахмети му честиташе, за како што рече, храбрата одлука.

Идејата за премиер Албанец не е нова и со години наназад се провлекува во изборните ветувања и кампањи.

Н.П.

Слични содржини