Безобѕирното возење во предложениот Кривичен законик се смета за кривично дело

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку дела во сообраќајот кои претходно се казнуваа прекршочно, стануваат кривични дела.

Ова го предвидуваат предлозените измени на Кривичниот законик со воведување на безобзирно возење како кривично дело. Така членот 403 предвидува дека ако возите под дејство на алкохол со најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, но и ако возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело.

Од Јавното обвинителство велат дека со ови измени дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело.

„Станува збор за кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода. Со ова практично дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело“, соопштуваат од ЈОРМ.

Според податоците од МВР, најчести фактори за сообраќајни незгоди во последните 10 години на се брзото возење, непочитувањето на правилата за првенство на минување, потоа непрописно движење и свртување, како и управување под дејство на алкохол. Оттаму велат дека со предложените измени на КЗ се очекува подобрување на општата безбедност во патниот сообраќај.

Измените се на предлог на Министерството за правда и се очекува да бидат донесени до крајот на годината.

Слични содржини