Бил Клинтон пристигна во Приштина

од Vladimir Zorba

Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави пристигна денеска околу пладне во Приштина, каде што ќе присуствува на утрешната свеченост по повод 20-годишнината од велгувањето на силите на НАТО во Косово.

Клинтон на аеродромот „Адем Јашари“, со високи државни свечености, беше пречекан од поранешната претседателка на Косово Атифете Јахјага и од вицепремиерот и министер за надворешни работи Беџет Пацоли.

Поранешниот американски претседател попладнево ќе биде примен од косовскиот претседател Хашим Тачи, кој ќе му додели високо државно одликување.

Според програмата на посетата, по приемот кај Тачи, Клинтон ќе се сретне и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, а утре, заедно со косовските лидери и други гости од странство, ќе учествува и на „Поворката за мир“.

На одбележувањето на годишнината од влегувањето на силите на НАТО ќе учествува и поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт, која исто така е една од најзаслужните тогашни светски политичари за интервенцијата на НАТО во Косово. Во нејзина чест, утре во центарт на Приштина ќе биде откриена нејзина статуа.

По церемонијата на откривањето на статуата на Олбрајт, Клинтон ќе ја посети и сопствената статуа која му е подигната во 2009 година на плоштад на еден од главните булевари во Приштина, кои исто така го носат неговото име.

Слични содржини