Билчик: Црна Гора може да биде подготвена за влез во ЕУ во 2024

од Nikola Popovski

Црна Гора е лидер во преговарачкиот процес и има шанса да покаже дека проширувањето е живо и мислам дека е реална прогноза дека може да биде подготвена за влез во ЕУ до крајот на мандатот на актуелниот состав на Европската комисија во летото 2024 година, изјави европратеникот и шеф на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Црна Гора, Владимир Билчик.

Билчик за Еуроказ посочил дека пред тоа има одредени пречки кои Црна Гора мора да ги надмине, од кои првата е деблокирање и динамизирање на пристапните преговори.

„Не се работи само за неколку политички одлуки, туку за тоа Владата да покаже резултати на терен. Министерствата мора да бидат ангажирани, мора да има јасна определба за водење преговори и на политичко и на техничко ниво, како и постојана комуникација и соработка со Брисел“, рече Билчик, пренесува РТЦГ.

Тој додал дека внимателно ќе ги следи претседателските избори во 2023 година и парламентарните, кои, како што оцени, ќе бидат тест за демократската зрелост на Црна Гора.

„Ако Владата остане на европскиот пат со зборови и дела кога ги спроведува реформите и оди преку избори, убеден сум дека 2025 година може да биде година кога ќе зборуваме за финализирање на преговорите“, вели Билчик.

Тој оценил дека во изминатите неколку години Црна Гора стои во место, додавајќи дека сите влади во последните 10 години ги опишуваат евроинтеграциите како свој приоритет, „но владата на Здравко Кривокапиќ го доведе во прашање европскиот пат“.

Зборувајќи за иницијативата Отворен Балкан, Билчик истакнал дека ЕУ секогаш нагласувала дека регионалната соработка и добрососедските односи мора да одат рака под рака со напредокот на европскиот пат.

„Ја поддржувам секоја проевропска регионална иницијатива која не се обидува да стане алтернатива на европската перспектива. Во оваа смисла, ги разбирам оние кои имаат прашања поврзани со Отворениот Балкан, бидејќи кога слушам како некои лидери во регионот зборуваат за оваа иницијатива, а како за европската перспектива, ми се чини дека тие зборуваат попозитивно и поафирмативно за Отворен Балкан“, навел Билчик.

Според него, исклучително е важно тековната дебата на оваа тема да не го подели и поткопува силното парламентарно мнозинство во однос на носењето клучни одлуки за напредокот на Црна Гора на европскиот пат и смета дека Црна Гора треба отворено да ги анализира сите аспекти на Отвореното Балканот.

Слични содржини