Бизнисмените со предвидувања за 2022 г.: Енергетската криза и инфлацијата ќе бидат предизвик, јавниот долг и зголемените камати ќе ги ограничат инвестициите

од Vladimir Zorba

2022 година ќе биде година на стабилизација. Дел од стопанствениците за „Локално“ велат дека по економското заздравување кое ја одбележа 2021 г. , новата година нуди големи надежи за напредок и развој, но предизвиците за домашната економија ќе бидат бројни како од здравствен така и од финансиски и енергетски аспект.,

Корона кризата ќе предизвикува натамошни проблеми, барем во првите шест месеци од годината.Енергетската криза и инфлаторните притисоци ќе бидат предизвик како за граѓаните така и за стопанството.Јавниот долг и зголемените плаќања за камата ќе бидат ограничувачки фактор за поголеми инвестиции и поттикнување на растот“, вели Ангел Димитров од текстилниот кластер.

За бизнисот и во оваа 2022 г. најголем предизвик ќе бидe ценaта на електричната енергија. Во моментов таа е зголемена за четири пати споредено со истиот период лани со што се нарушија сите проекции во бизнис плановите на компаниите. Цените на суровините иако се на највисокото ниво, полека се стабилизираат и сметам дека има можност за нивно благо намалување во текот на 2022 година. Можност за подобрување на економијата гледам во се поголемото префрлање на бизнисите од Кина во Западен Балкан што е многу евидентно во последниве месеци. Стабилизацијата на Владата е исто еден предизвик кој може да ги наруши или стабилизира тековните бизнис“, изјави Горан Антевски од Раде Кончар-ТЕП.

Од Асоцијацијата на менаџери пак имаат јасна и прецизна порака за бизнисмените, да бидат по претприемчиви и да не очекуваат помош од никој. Бизнисмените се лидери на секое општество, тие треба да направат сериозни реформи во функционирањето на Стопанските комори, да вложат во нови технологии, да се задолжуваат похрабро оти сега трошоците за кредити се поволни, да се потпираат повеќе на аутсорсинг, да го занемарат домашниот и максимално да се свртат на светскиот пазар, да ги следат трендовите на дигитализација, огментација, автоматизација, краудфандинг и краудсорсинг и да не се плашат да ангажираат покомпетентни од нив“,вели Зоран Витанов.

И покрај оптимистичките очекувања или уште повеќе желби, и следните 365 дена, стопанствениците велат дека ќе живееме со нашите долгогодишни економски и политички проблеми а ценовното цунами ќе ја одбележи и 2022 година.

Остануваат нашите долгорочни проблеми со неефикасното судство, непродкутивни институции, големи социјални трансфери за исплата на пензии, социјална помош и гломазната и партизирана администрација.Повеќето од овие проблеми бараат консензус меѓу лидерите на најголемите политички партии , кој за жал го нема на повидок“, истакнува Димитров.

На краток период зголемувањето на цените ќе предизвика негативни реакции и проблеми кај дел од посиромашното население и пензионерите , но низ сите овие промени поминуваа и останатите земји кандидати за ЕУ. Бидејќи за да дојдеме до повисоки примање , мора да се зголемуваат и цените на производите , даноците и услугите. Но секако треба да имаме и подобри услови на живот и подобри услуги од администрацијата“, смета Антевски.

Од тука и пораката на Витанов до Владата да направи енергетска стратегија и да ангажира компетентни луѓе “Да ја намали администрацијата за 30%, да го намали буџетот за 15% проценти, да направи мораториум за нови задолжувања, да ги укине сите КОВИД мерки, да направи реформи во судството заради гарант на сопственоста и да се фокусира на сопствените човечки, економски и енергетски ресурси”.

К.В.С.

Слични содржини