Богоев: Нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал

од Stefanija Kuzmanovska

Еден од главните приоритети за влез во Европската Унија е нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал, вели во интервју за 24 инфо, директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

За овие цели Богоев вели дека паралелно се спроведуваат неколку проекти во соработка со меѓународните институции. Во рамки на Работниот план потпишан со Трезорот на САД се работи на конкретни активности коишто крајно треба да овозможат генерирање поголеми и посигурни приходи во Буџетот и сузбивање на сивата економија и корупцијата. Воедно новиот систем за анализа на ризик и податочен склад што ќе се имплементира со грант од Република Кореја ќе овозможи подобро детектирање на декларации каде има висок ризик од погрешно декларирање на вредноста на стоката. На граничните премини ќе биде поставен паметен систем на камери со софтвер на вештачка интелигенција што ќе ги обработува податоците за препознавање регистарски таблички, а ќе се поставуваат и боди камери. Овие проекти, но и зајакнатите контроли што ќе се спроведуваат во рамки на новоформираниот Сектор за посебни истражни мерки, ќе го сузбијат организираниот криминал и корупцијата.

„Како царинска управа, во рамки на проектот со експертска помош од Трезорот на САД, во изминатиот период работиме на зајакнување на институционалните капацитети за спроведување ефикасни контроли и управување со ризиците во царинското работење. Ова се клучни области коишто ќе овозможат елиминирање на сивата економија и корупцијата, како едни од највисоките приоритети на Царинската управа, што ќе генерира повисоки приходи во Буџетот. Кога говориме за експерти од Трезорот на САД, станува збор за експерти од Царинската служба на САД, даночни експерти и експерти во делот на сајбер безбедноста кои имаат повеќе од 30 години искуство. Преку размена на искуства и практики заедно работиме на детектирање на слабите алки, по што ќе се преземат конкретни мерки и активности се со цел нивно надминување и подобрување на ефективноста на Царината“, истакна Богоев.

Од аспект на сузбивање на организиран криминал и шверц, Богоев вели дека од големо значење е и новиот систем за анализа на ризик и податочен склад што ќе се имплементира со грантот од Република кореја во висина од 4,8 милиони долари.

„За да се види значењето на овој систем за развојот на Царинската управа, треба да се има предвид дека петте царинарници во рамки на царинската управа на годишно ниво обработуваат над еден милион увозни, извозни и транзитни декларации. Овие податоци се контролираат од царинските испостави, но истите може да подлежат и на постконтрола во рамки на Одделението за контрола на трговските друштва во Секторот за контрола и истраги. Со грантот од Република Кореја ќе се имплементира податочен склад и систем со вештачка интелигенција кој ќе ги влече податоците за оние декларации каде има висок ризик од погрешно декларирање на вредноста на стоката. На пример, ако имаме случај кога при пораст на цени на горива, фирма што во континуитет увезува дизел гориво одеднаш врши увоз на базно масло, тогаш системот што ќе го имплементираме со овој грант, ќе алармира дека тој случај треба да се разгледа“, вели тој.

Во интервјуто Богоев говори и за активностите на Царинската управа во рамки на Планот за забрзан раст на земјите од Западен Балкан, за мерките што се преземаат во делот на унапредување на Царинската управа како ефикасен сервис за македонското стопанство, за Царинската унија и активностите што се преземаат во процесот за пристапување во ЕУ, како и за политиките во делот на прекуграничната е-трговија.

Слични содржини