Борел повика на единство на европската дваесет и седумка околу Украина, против заканата од Унгарија

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска ја повика европската дваесет и седумка да останат обединети во поддршката на Украина во време кога Унгарија се заканува дека ќе ја блокира секоја нова помош за Киев.

„Се надевам дека единството на Европската унија нема да биде нарушено, бидејќи сега не е време да ја ослабиме нашата поддршка за Украина“, рече Борел по пристигнувањето во Брисел на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонене оцени дека позицијата на Унгарија е навистина за жалење и нагласи дека е клучно ЕУ да продолжи да ја поддржува Украина „се додека тоа е потребно“.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се собираат во Брисел на почетокот на „клучната“ недела за Европа, изјави латвискиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс, во пресрет на европскиот самит закажан за крајот на неделата, а кој Украина со нетрпение го очекува.

ЕУ потоа треба да одлучи за продолжување на воената и финансиска помош за Украина и дали ќе ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ со таа земја, која е во војна со Русија од февруари 2022 година.

За тие две прашања, унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ги блокира, велејќи дека ЕУ треба да има „стратешка дискусија“ за иднината на нејзините односи со Украина пред какво било ново приближување.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вчера во Аргентина дека имал „искрен“ разговор со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се противи на влезот на Украина во ЕУ. Тие присуствуваа на инаугурацијата на новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи.

Слични содржини