Борел за противниците на вооружувањето на Киев: Сакате Украинците да клечат пред Русите?

од Stefanija Kuzmanovska

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел рече дека не ги разбира противниците на испораката на оружје и праша дали би сакале да ги видат „Украинците да клечат пред Русите“.

Во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Борел нагласи дека не ги разбира оние кои се противат на испораката на оружје, тврдејќи дека тоа ќе ја продолжи војната.

„Ги прашувам овие луѓе дали ви е важно како ќе заврши војната? Дали Украинците треба да клечат пред Русите?“, запраша тој, пренесе „Танјуг“.

Борел најави дека ЕУ ќе продолжи да испорачува оружје на Украина и дека ќе се обиде да ја ослабне руската економија и да ја зголеми меѓународната изолација на Москва.

„Но, ние не сакаме да се бориме против Русија“, подвлече тој. Борел истакна дека војната завршува со преговори.

„Треба да дојдеме на преговарачка маса од позиција на сила и сега е важно да ги доведеме Украинците на таа позиција“, објасни тој.

Борел рече и дека ЕУ не може да биде посредник во преговорите меѓу Русија и Украина.

Тој оцени дека Русите нема да го прифатат тоа, како што Брисел нема да ја прифати Русија како посредник.

Тој додаде дека ниту Кина не одговара, бидејќи, како што тврди, се приклонува кон Русија.

Борел оцени дека Турција работи многу добро и дека има добри односи на двете страни.

„ОН би биле најдобри“, посочи Борел, додавајќи дека Украина, Русија и посредникот треба да го одредат исходот од преговорите.

Слични содржини