пишува: Сашо Орданоски – објавено на Civilmedia.mk

Ете, дури и Бранко Црвенковски излезе со јавен став во однос на референдумот, а ВМРО-ДПМНЕ не! При тоа, Црвенковски како во своите најдобри денови: јасен, луциден, реален, па дури и со една критичка само-рефлексија, веројатно развиена после неколку години ретроспективно преиспитување во монашка политичка осаменост и завет за молк. (Туф, туф, туф, па што и ако се испило!?)


Сепак, добро е, бидејќи откако единствениот жив поранешен претседател на државата сосема премолчи неколку други историски ситуации во општеството, барем за оваа „се освести“, за со својот збор да даде драгоцен придонес во жестоката дебата што се води околу конфузијата во ВМРО-ДПМНЕ во однос на референдумот.

А според веќе протечените информации во јавноста, неофицијално потврдени и низ изјавите на партиското водство, „демократскиот хаос“ во опозицијата е резултат на внатрепартиските анкети за расположението на членството според кои триесетина отсто од нив биле за бојкот на референдумот, дваесетина отсто биле да се излезе на референдумот и да се поддржи или отфрли договорот, а останатите педесетина отсто не знаеле за што да се определат. А и сега нема да знаат, бидејќи откако партиското раководство се откажа од тоа да има став по ова историско прашање, членовите на ДПМНЕ, според кој-сум-јас-да-ви-кажам-Мицкоски, ќе треба во однос на референдумското изјаснување да трагаат по одговорите „длабоко“ во своите „срца“ и во „совеста“.

„Срцата“ и „совеста“ не се многу препорачувани извори на политичката мудрост и практика – но разумот, да. Оти, историјата е полна со примери и на многу поголеми и „поодлежани“ народи и култури од овдешниве, во Македонија, а кои „со цело срце“, а без памет, застанувале зад социопати и лудаци кои ги однеле во големи национални трагедии и мизерии со генерациски формат на траење.

Но, дополнителниот проблем (или, можеби, логичкото објаснување) е што, според некои други мерења на партиските ставови во ВМРО-ДПМНЕ, отприлика една третина од членството (плус еден: Ѓорге Иванов) сметаат дека самите се потомци на Александар Македонски, а дека Клеопатра е античката македонска кралица чија крв, по „женска линија“ – белки по пат на, плус-минус, 25-вековна размена на сперма?! – тече и низ нивните денешни вени. И веруваат во оние другите будалаштини за „библиската земја Македонија“ и сл.

Цела една деценија Груевски се „возеше“ и ги негуваше овие параполитички појави за и со помошта на ова „стадо“ подолго да владее како нивен окултен пастир. Последица: со и во нивните „срца“ и „совест“ денеска нема место за рационална дебата за евро-атлантските перспективи на земјата. Таква дебата е неизводлива ни во самата нивна партија, ВМРО-ДПМНЕ, а за поширок дијалог збор и да не стане! Тоа ви е нешто како Тони Шанац, добро подмачкан, да ви дојде на семејна вечера и да ви ја бара раката на вашата дваесетина години помлада ќерка од него…

Со оглед на тоа, сегашното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ самоволно одбра (или беше принудено?) со оваа една третина од своето членство да направи компромис (како оној од Преспа): партијата нема официјално да застане зад бојкотирање на референдумот, но нема и да повика на гласање на него. Нека проработат „срцата“ и „совеста“ на гласачите! (А таквата слободна волја им следува и на пратениците од оваа партија, што е една згодна околност што во вчерашната колумна ја разлобувавме.)

Речиси научно би можело да се докаже дека овој „антички“ политички „камен околу вратот“ ќе ја држи ДПМНЕ долги години на дното, не само заробена во бесмислените митологии за далечната и поблиска историја, туку и без можност повторно да дојдат на власт.

Па сега вие видете.

Слични содржини