Целосно исчезна голем глечер во САД, постоел илјадници години

од Stefanija Kuzmanovska

Научник кој ја следи состојбата на глечерот Хинман во американската сојузна држава Вашингтон помеѓу планината Рение и Глечер Пик, вели дека тој целосно исчезнал откако бил таму илјадници години и дека галопирачките климатски промени му го нанеле последниот удар.

Експертите неодамна открија дека до крајот на векот може да се изгубат до половина од светските глечери, дури и ако се исполнети глобалните климатски цели. Глациологот Мори Пелто од колеџот Николс за Си-Ен-Ен изјави дека ја посетува и ја набљудува планината Хинман веќе 40 години. Кога ја посетил областа со тим во летото 2022 година, видел дека глечерот целосно исчезнал.

„Целосно исчезна. Ова беше најголемиот глечер во овој дел од планинскиот венец – беше исклучителен“, рече Пелто.

„Се уште има надеж“

Инженерот за животна средина Дејвид Шин од Универзитетот во Вашингтон вели дека за време на повлекувањето на глечерите, може да се формираат помали ледени плочи во вдлабнатини кои се помалку чувствителни на екстремни температури. Но, овие ледени површини често се премногу тенки за да се лизгаат надолу, важен критериум за класификација на ледената маса како глечер.

Шин истакна дека сè уште има мраз во вдлабнатините во областа, но дека тој повеќе не е глечер и дека и тој може да исчезне во следните десет години. Во последното ледено доба се формирале многу глечери. Иако глациолозите не ја знаат точната старост на глечерот Хинман, Пелто пронашол докази дека тој бил таму пред ерупцијата на планината Мазама или дека постои повеќе од 7.000 години.

„Се уште има надеж. За да може глечерот да се формира и да се одржува, потребна му е поголема просечна акумулација на снежни врнежи. Во тој случај би можел да се опорави“, изјави Пелто.

Слични содржини