Дали Илинден е нов камен на сопнување меѓу Скопје и Софија: „Резолуција во Собранието е излишна – се подразбира дека востанието е македонско“

од Nikola Popovski

Откако во бугарското собрание имаше усна изјава дека Илинден е бугарско востание, СДСМ соопшти дека утре ќе предложи резолуција за Илинден во македонското Собрание, на помалку од десет дена од прославата на 120-годишнината. Според портпаролот и пратеник на СДСМ, „Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја и тоа не може да го смени и одземе декларација на која било партија, во или вон Македонија“. Бугарија, како и Македонија го празнува Илинден. За разлика од нас, тие овој празник, кој го нарекуваат Ден на Илинденското преображенско востание го одбележуваат на 20 јули (по стариот календар). Токму истиот ден се одржуваше седница на парламентот, на која беше дадена изјавата.

Во пресрет на утрешниот предлог од владеачката партија, останува дилема дали Илинденското востание ќе биде нов камен на сопнување меѓу Скопје и Софија. Според поранешната пратеничка Никица Корубин, се чини дека како се приближува почетокот на процесот за уставните измени, кој веќе е официјално активиран со предлогот на амандманите на Владата и закажување на собраниските седници, политичкиот естаблишмент како да бара начин, самиот да се дефокусира од сопствената обврска.

Согласно член 183 од Деловникот на собранието, став: “Со резолуција Собранието укажува на состојбата, проблемите и мерките што треба да се преземат во одредена област”, не е јасно која состојба, проблеми и мерки ќе бидат третирани во резолуцијата, предложена од СДСМ за историски настан, како што е Илинденското востание. Ако е реакција на седница на бугарскиот парламент, каде што тие го одбележуваа денот на Свети Илија, односно симболично денот на Илинденско-преображенското востание (20 јули), по Грегоријанскиот календар, со изјави (декларации) кои се даваат од страна на пратенички групи за разни теми, при отворањето на пленарните сесии, непозната пракса кај нас; тогаш СДСМ треба да почека до 2 август и денот на Свети Илија по Јулијанскиот календар, вели Корубин за „Локално“.

Според неа, ова се претвора во смешна и непотребна, политичка грижа за историски настан, кој недвосмислено е дел од споделена историја, а во светло на уставните измени и приближување кон европското семејство, покажува и загрижувачко неразбирање на концептот на добрососедство.

На прашањето дали ова е чекор кон влошување на односите во пресрет на евентуалните уставни измени, Корубин вели дека чекорите за влошување на односите, секако не недостасуваат, туку само формите на практикување се различни.

Така што ова повеќе личи на популистички чекор за своевидно дефокусирање на почетокот на уставната комисија, односно официјалниот почеток на расправата за уставните измени. Прашањето е зошто власта посегнува по вакви избрзани , необмислени постапки, за „држење чекор“ во лавината на псево-национализам и негување на анти-европско расположение, како и секогаш под превезот на наводниот патриотизам. А, поголем патриотизам од средена, функционална и европска држава, како што знаеме, нема, порачува соговорничката.

Корубин се осврна и околу самите уставни амандмани.

Гласањето за отворање на уставот би требало да биде кон крајот на август; единствено ако не го слушаме претседателот на државата кој предвидува, не знам зошто, пролонгирање на гласањето за цел еден месец или два, од законски пропишаното. Дали ова можеме да го третираме како претпазливост или уште едно, не знам кое по ред “купување на време”? Обврската за уставните измени, произлегува од преговарачката рамка, усвоена пред точно една година, што значи дека имавме цела година, која ја исполнивме со се’: секакви итрини, само-опструкции, “одбрана на идентитетот” и непречена “дозвола” за слободно ширење на секаков вид на дезинформации, манипулации и пропаганда; освен одговорно постапување како држава. Ги искористивме сите можни празници, за генерирање на дополнителна нетрпеливост и омраза кон Бугарија, па логично остана уште Илинден за злоупотреба во партиски цели.

 

Во име на “одбрана на идентитетот” која “одбрана’, мистериозно се интензивира како се тргаат сите пречки за отпочнување на отварањето на поглавијата во ЕУ, како неповратен процес. Таа неповратност, се чини дека го плаши голем дел од политичкиот естаблишмент. Јас сепак очекувам целата постапка за промена на уставот да биде завршена до ноември, затоа што се’ друго е јасно, опасно и антидржавно постапување, особено во контекстот во кој се наоѓа регионот и светот, констатира поранешната пратеничка.

Од друга страна, поранешниот министер и универзитетски професор, Владо Поповски порачува дека потребно е да се коментира бугарскиот однос кон Илинденското востание бидејќи, како што вели, е тенденциозен и историски нереален. Дециден е дека востанието е македонско и добро е да се отвори полемика во Собранието во таа смисла.

Сепак, резолуција дека Илиденското востание е македонско е излижно бидејќи се подразбира дека е македонско. Мислам дека нашето Собрание треба да ја искритикува бугарската резолуција како империјалистичка. Бугарите се уште не се откажуваат од империјализмот кон Македонија и нив никој друг не ги сака. Собранието треба да постави точка за Илинденското собрание и да направи критика на што го велат Бугарите и да заклучи она што е нормално дека е македонско, истакнува Поповски во разговор за „Локално“.

Професорот укажува дека нема никакво бугарско востание во 1903 година во Македонија.

Тоа е востание на македонски граѓани и селани кои се бореа исклучиво за самостојна македонска држава. Шпекулациите на Бугарите не можат да престанат затоа што имаат активен империјализам кон Македонија, потенцира соговорникот.

 

Додава дека имаме многу лоши односи со Бугарија во моментов.

Ако цениме според изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев кој што вели дека имаме заедничка историја 1300 години, што е глупости и дека во иднина ќе имаме исто заедничка историја. Ако некој ги влошува односите е бугарската страна. Нема што да премолчуваме. Треба да се каже отворено, објаснува Поповски.

Н.П.

Слични содржини