Дали работодавачите ќе го издржат новото зголемување на минималната плата?

од Vladimir Zorba
519 прегледи

Во очекување на одлука за колку ќе се зголеми минималната плата, се овора прашањето дали работодавачите ќе можат да го издржат новиот товар кој им се наметнува во услови на повеќекратно зголемување на трошоците на енергенсите и ниската и стагнантна продуктивност на работната сила.

Од Организацијата на работодавачи се согласуваат со неопходноста од усогласување на минималната плата но тоа вели Ангел Димитров за „Локално“, ќе доведе до состојба во која многу работници ќе земаат минималец или плата блиска до минималната а вискоквалификуваниот кадар ќе биде дестимулиран. Според него минималната плата треба да биде зголемена на 20.175 денари.

-Работодавачите мора да го усогласат своето работење со новата висина на минималната плата која во сутина само ја задржува куповната моќ поради високата инфлација во минатата година. Од друга страна немањето доволно работна сила врши притисок кај работодавачите за зголемување на платите, за да ги задржат постоечките и да најдат нови работници. Единствената негативност е што во Македонија има повисок износ на минимална плата во однос на просечната плата  која во моментов изнсува 59% и е многу повисоко од договорените 50% во ЕУ. Ова предизвикува состојба во која голем број работници земаат минимална плата или блиску до минималната, и е дестимулативно за подобрите работници и работниците со поголеми звања. Ова е присутно и во приватниот и во јавниот сектор, вели за Локално, Ангел Димитров од ОРМ.

Економистите потенцираат дека зголемувањето на минималната плата треба да го одржи животниот стандард на исто ниво како и пред зголемување на цените . Според Благица Петрески од Finance think, примателите на минимална плата се најзасегнатата категорија граѓани поради доминантното учество на трошоците за храна во нивните вкупни трошоци  но доколку и другите плати го следат трендот на пораст кој  е над ценовниот раст, вели таа, тоа би ја подгреало инфлацијата.

-Големиот претходен пораст на минималната плата, од 15.194 на 18.000 кога порастот на цените не беше сеуште изразен како што е сега, имаше мал но не и незначителен удел во ценовниот раст. Доколку и другите плати следат тренд на пораст кој го надминува ценовниот пораст во значајна мера, тоа би ги подгреало инфлациските очекувања и би предизвикало дополнителен ценовен притисок, што претставува ризик за стабилизацијата на стапката на инфлација на среден рок, како и понатамошен притисок за каматните стапки. Оттука, за да не влеземе во опасното сценарио на спирала на плати и цени, неопходна е монетарната политика да остане на линијата на затегнување најмалку додека не видиме целосно смирување на ваквите очекувања, а уште поклучно е фискалната политика да даде целосна поддршка во остварување на целта за стабилизација на цените преку исклучителна внимателност во трошењата кои може да го одржат ценовниот притисок, вели Петрески.

Владата најави дека во понеделник економско-социјалниот совет ќе одлучува за висината на минималната плата а новиот износ ќе влезе во пресметките на работодавачите за мартовските плати. Се очекува минималната нето плата од 18.000 денари да се зголеми на 20.200  ден. односно зголемување од  2.200 денари.

К.В.С.

Слични содржини