Детали од погребот на Метју Пери: Актерите од серијата „Пријатели“ не останале до крај

од Stefanija Kuzmanovska

Познатиот актер Метју Пери беше погребан во петокот во Лос Анџелес.

Богослужбата се одржала во црквата на гробиштата Forest Lawn, на која присуствувале неговите колеги и пријатели од серијата „Пријатели“. Познатата петорка од култниот ситком не останала до крај на погребот. Извор открил дека познатите актери не присуствувале на вториот дел од приватниот погреб.

Џенифер Анистон, Лиса Кудроу, Кортни Кокс и Дејвид Швимер пристигнале како квартет, облечени во црни костуми, за да се простат од Метју Пери на гробиштата Forest Lawn во Лос Анџелес.

Мет Лебланк им се придружил надвор од црквата по едноставната едночасовна церемонија, а тие биле сликани како разговараат со останатите кои дошле да му оддадат почит на Метју Пери. Инсајдер откри што се случило потоа.

„Актерската екипа на ‘Пријатели’ не присуствуваше на вториот дел од погребот кој се одржува подалеку од црквата во The Courts of Remembrance, кој се состои од неколку отворени парцели. Тоа е посебна, поскриена област, поприватна. Само семејството на Метју Пери и најблиските пријатели присуствувале на тој дел. Помалку од 20 луѓе“, навел изворот.

„По службата, пријателите си заминале, додека неговото семејство и неколку луѓе со автомобил отишле до местото каде што бил пренесен ковчегот, а потоа однесен во The Courts of Remembrance“, додал инсајдерот.

Расплаканата мајка на актерот Сузан Пери, неговиот скршен татко Џон Бенет Пери и очувот Кит Морисон, кој бил еден од оние кои го носеле ковчегот… погребот на Метју Пери ги потресе како неговите најблиски, така и неговите многубројни обожаватели ширум светот.

Гробиштата каде што почива Метју Пери се спроти студиото на Ворнер Брос каде се снимаа 10 сезони од серијата „Пријатели“. Таму се закопани бројни познати личности, како Бет Дејвис, Ен Хеш, Кери Фишер, Мајкл Хачинс и други.

„Сите плачеа, имаше солзи, но и смеа. Разговараа само блиските пријатели и семејството“, рекол изворот и додал дека Џенифер Анистон достоинствено се држела, пишува „Дејли мејл“.

Џенифер Анистон и Метју Пери се родени со разлика од шест месеци, тие беа најмладите членови на актерската екипа на „Пријатели“ и беа пријатели од самиот почеток на снимањето на серијата. Актерот во своите мемоари напиша дека Џенифер била првата личност која најмногу му помогнала кога се борел со пороците.

Метју Пери беше пронајден мртов во џакузи на својот имот во Лос Анџелес на 28 октомври. Во тек се токсиколошки анализи кои ќе ја откријат причината за смртта на познатиот актер. Се сомнева дека се удавил откако доживеал срцев удар.

Слични содржини