„Детектор“: Зголемена поддршката на граѓаните за влез на земјава во ЕУ и НАТО алијансата

од Vladimir Zorba

Зголемена е поддршката на граѓаните за влез на земјава во ЕУ и НАТО алијансата, и 2/3 од нив би гласале позитивно за нашето идно членство, покажува истражувањето на јавно мислење спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која оваа недела гостуваа Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО, Малинка Ристевска – Јорданова од ЕПИ институтот и Горан Рафајловски – стопанственик и економски аналитичар.

Според 75 отсто од испитаниците членството во НАТО е извесно и тоа ќе се случи во период од една година (68,3 отсто), додека мнозинството граѓани (67,5 отсто) очекуваат Македонија да стане членка на Европската Унија и се надеваат тоа да се случи во рок од пет години (22,7 отсто).

Позитивните очекувања на граѓаните ги споделува и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски кој се надева дека до крајот на декември, до престојниот самит на Алијансата, закажан во Лондон, Македонија ќе биде полноправна членка.

-Ние условите за НАТО ги исполнивме, преговорите ги завршивме во октомври минатата година, веќе немаме никакви политички услови, ја чекаме само техниката да помине низ 29 парламенти, вели тој.

Потврда за оптимизмот на Пендаровски, доаѓа и од Кеј Бејли Хачинстон, амбасадор на САД во НАТО, која очекува до крајот на годината Македонија да добие полноправно членство.

-Мислам дека ќе имаме транзиција без проблеми, сите наши влади беа консултирани и сите ние во НАТО кои го потпишавме Протоколот, го сторивме тоа со поддршка од нашите влади. Се разбира парламентите мора да дејствуваат и ние веруваме дека нашите парламенти ќе дадат поддршка. Временската рамка не е сè уште утврдена, формално ова прашање сè уште не е ставено на агендата, но ние се надеваме дека до крајот на годината сите парламенти со своите различни агенди и седници и процедури, ќе го затворат ова прашање. Сите со нетрпение ја очекуваме нашата 30 – та членка, вели таа.

Оваа година може да биде клучна и за почетокот на преговорите со ЕУ и според најпозитивното сценарио тоа може да се случи во јуни, посочува Малинка Ристовска Јорданова од институтот ЕПИ „иако тоа не зависи од нас, туку од ЕУ, каде годинава има избори, но сепак поверојатно е почетокот на преговорите да биде во декември или следната година“.

Таа потврдува и дека „патот кон членството и членството се сами по себе поволни фактори за земјата“, а нејзините очекувања за времето потребно за да се финализираат преговорите се „минимум 10 години во забрзан колосек а веројатно повеќе“.

Повеќе од половина од граѓаните сметаат дека влезот во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ ќе го подобри нашето живеење во повеќе сфери, како животниот стандард (57,8 отсто), безбедноста (60,6 отсто), судството (58,3 отсто), образованието (59,1 отсто), здравството (58,8 отсто), економијата (59,4 отсто) и ќе се подобри невработеноста (58,7 отсто).

-Во моментов ние практично сме членка на НАТО, а со тоа се создава имиџ на стабилна држава, држава која има предвидлива иднина. Тоа е исклучителен сигнал за домашните и странските инвеститори, потенцира Пендаровски.

Придобивките од интеграциите се предизвик посочува Горан Рафајловски економски аналитичар „за да почувствувате подобрување во економијата, треба во серија да имате раст на БДП од најмалку 5 отсто до 7 отсто, па дури петтата година тоа ќе се почувствува и во продавница – дека нешто оди на подобро. За да ги достигнеме тие бројки треба на многу полиња да работиме сите заедно, истакна тој.

Тројцата говорници се согласуваат дека за процесот на ЕУ и НАТО интеграциите допрва ни претстои сериозна домашна работа, „и треба веднаш да се седне“, како што нагласи Малинка Ристовска Јорданова „ако со НАТО сме на вистинскиот пат и имаме сериозни, реални очекувања, за ЕУ ќе треба да се седне малку посериозно и да се размисли за добра стратегија на приоритети на државата за следните години и за добро структурирани тимови, затоа што тоа сè уште не го гледам, укажа таа.

Истражувањето на тема „Членство во ЕУ и НАТО алијансата“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 31 јануари до 4 февруари на 1.102 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да запази репрезентативност на населението.

Слични содржини