Џафери: За Собранието нема пречка Исмаили да се избере за потпретседател

од Берта Китинска

За Собранието нема пречка Хусни Исмаили да се избере за потпретседател. Се додека некој не е осуден  со правосуден акт, презумцијата на невиност е над сите иницијативи, порача собранискиот спикер Талат Џафери на брифинг со новинарите.

Номинираниот кандидат од Алтернатива за потпретседател на Собранието е осомничен од Антикорупциска дека како поранешен министер за култура постапувал незаконски и создал обврски за Буџетот од 33 милиони денари.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) информираше дека до Основното јавно обвинителство е поднесена иницијативата за понатамошно постапување за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Поранешниот министер постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети за 2020 година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс договори и со тоа создал обврски за Буџетот за 2020 година на Министерството за култура од над 33 милиони денари.

– Со Законот за буџети се предвидува дека буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или се направат расходи над одобрените средства од буџетот. Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Според член 37а за извршување на буџетот на буџетскиот корисник е одговорен раководителот на буџетскиот корнисник. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување, изјави Членот на ДКСК Владимир Георгиев.

Слични содржини