Џонсон стравува од распад на Велика Британија

од Vladimir Zorba

Премиерот Борис Џонсон предупреди дека Велика Британија ќе биде послаба доколку се распадне унијата што обединува четири нации, што е последната изјава на неговото спротивставување на сè погласните повици за независност на Шкотска.

Несогласувањата меѓу четирите британски конститутивни нации, Шкотска, Велс, Северна Ирска и Англија, во врска со управувањето со пандемијата на коронавирус, ги оштетија односите што веќе ги затегна „Брегзит“.

Ова особено важи за Шкотска, која гласаше против заминувањето од ЕУ. Неодамнешните анкети покажуваат дека поддршката за независност на Шкотска е само малку поголема од поддршката за 300-годишната унија со Англија.

„Унијата на Велика Британија е за мене најголемото политичко партнерство што светот го видел досега. Би било срам да ја изгубиме таа моќ, таа магија на нашата унија“, рече Џонсон.

На референдумот во 2014 година, 55 проценти од Шкотите гласаа да останат во унијата и 45 проценти беа за независност, но Шкотската национална партија (СНП), која владее во полу-автономниот регион, сака повторување на референдумот.

Џонсон и другите високи официјални претставници и министри, големи поборници на унијата, во последните неколку недели опширно дебатираат во Шкотска за силата и благосостојбата на врската.

Слични содржини