Димитровски за жените во политиката: Правата немаат род, а различностите го прават општеството поправедно и похумано

од Берта Китинска

Центарот за истражување и креирање политики- ЦРПМ, заедно со проектните партнери организираше дебата за родовата рамноправност при донесувањето одлуки, како  дел од кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки”, а во рамки на проект финансиран од ЕУ.

Цел на дебатата е да придонесе кон интернализација на предизвиците за постигнување на целосна родовата еднаквост на лидерските позиции на национално и локално ниво, вклучително и преку предизвикување на родово стереотипните позиции во специфични области во јавните институции и истовремено да ја зголеми вклученоста на жените во политичкото донесување одлуки.

-На локалните избори 2017 година од 15 кандидатки се избрани шест градоначалнички, во 2013 година, од 29 кандидатки биле избрани четири градоначалнички, а на локалните избори 2009 година од 13 кандидатки не била избрана ниту една градоначалничка. Оваа кратка анализа покажува дека политичката понуда на кандидатки за градоначалнички од 2013 до 2017 година значително опаднала, но се зголемил бројот на избрани градоначалнички. Тоа покажува дека граѓаните се родово посензибилни од политичките партии и дека расте довербата во жените, за што единствено се заслужни жените со својата упорност и истрајност да покажат дека можат и подобро, појаснува Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа, еден од учесниците на дебатата .

Според Димитровски, досега, според Изборниот законик, на партиските и граѓанските листи за советници правилото беше да се кандидираат и да бидат избрани 30 отсто жени. Пред локалните избори оваа година, ни претстои период на подобрување на Изборниот законик и ова е шанса политичките партии да најдат начин како во исто време преку отворени листи да се обезбеди поголема демократизација на општеството, но и со квота од 50% значително да се промени структурата на жените во советите на општините а и меѓу носителите на градоначалничката функција.

– Важно е исто така да се обрне внимание на квалитетот на кандидатите, образованието, стручноста, но најважно од се интегритетот на личноста, без оглед дали станува збор за жени или за мажи, зашто во минатото имавме пракса да се ставаат повеќе жени на функции, но како и со мажите, главниот критериум беше тие да бидат послушници на раководствата на политичките партии.

Според него, се менува и односот на избирачите кон кандидатите, особено на локално ниво – не се бараат авторитети, туку одговорни и ефикасни носители на функции, кои што ќе донесуваат добри и праведни одлуки

– Доаѓам од професијата новинар која е доминантно женска професија, вели Димитровски. Успешното новинарство значи посветеност кон вистината. Жените се по правило потрудољубиви, поодговорни, повеќе посветени кон вистината и можеби и затоа се изборија за доминантна застапеност во оваа професија. Сепак, на местата каде што е моќта во медиумите, нив ги има помалку од мажите. За разлика од тоа, политиката кај нас има имиџ на валкана професија, на професија во која доминираат моќта, парите, донесувањето одлуки и таму главни се мажите и нерадо ја препуштаат својата доминантна позиција. Се разбира, можеме со законски измени за квоти да создадеме услови за рамноправна родова застапеност, но мора притоа да го менуваме општеството од долу, од основното образование и од улогата на семејствата во воспитувањето на децата во духот на рамноправноста на жената.

Од аспект на традицијата кај нас, жените се доживуваат како по посветени, по одговорни кон заедницата и со поголема смисла за организација.

– Стереотипите исчезнуваат под притисокот на одговорностите што ги има еден носител/ка на јавна функција, повеќе не помага надмоќ конструирана единствено на родова основа, напротив иритира. Министерството за локална самоуправа согласно надлежностите нема директно влијание на изборниот законик, нашата средба со градоначалничките е откако тие веќе ќе бидат избрани, но имајќи ја предвид важноста од поголема родова рамноправност, особено на нивоата каде што се донесуваат одлуки, Министерството секогаш ги подржува проектите за поголема вклученост на жените или пак за родово одговорно буџетирање во општините, вели тој.

Тој вели дека ако влезете во политика со став дека политиката не е гладијаторска арена туку натпревар на концепти за подобрување на животот на сите граѓани, тогаш на сите прашања им приоѓате на тој начин.

– Исто така сметам дека во овие услови кога мажите се уште се во многу поголем број носители на функции и на одлуки, исклучително е важна нашата улога, на мажите, во подобрување на системот и нашето отворено делување за поголема родова рамноправност.  Да покажеме дека ова не е само женска борба, ова е борба за човекови права која што треба да биде поддржана од сите прогресивни луѓе. Правата немаат род, а различностите од секаков аспект, па и родов,  го прават општеството поправедно и похумано, појаснува Димитровски.

Во моментов како што вели тој, фокусот на МЛС е ставен на продолжувањето на децентрализацијата. Формирана е и работна група на политичко ниво. Целта е да се подобри финансиската самостојност и отчетност на општините, подобри и попристапни услуги за сите граѓани, но и воопшто пофункционални локални заедници кои што ќе се развиваат со поголемо учество на граѓаните во донесувањето на одлуките. Во таа смисла и поголемо учество на жените, не само како избирачи, туку и како носители на политички и други раководни позиции.

Проектот во рамките на кој се реализира оваа дебата има генерален наслов -Низ женски леки, се спроведува во 17 општини а е финансиран од ЕУ и ја анализира вклученоста на жената на лидерските позиции на локално ниво, од градоначалничка-советничка-директорка-до раководителка на сектор.

Свое учество на дебатата покрај заменик министерот за локална самоуправа зедоа и Марија Ристеска, директор на организацијата, Дејвид Гир-ЕУ, министерката за образование Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Ирена Стефоска, министерката за култура.

Слични содржини