„Додека се уште има фокус од ЕУ и Американците , под итно да се постигне квалитативно решение со Бугарија“

од Берта Китинска

Денеска со свечена церемонија на плоштадот Александар Невски во Софија македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во 16 часот ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков и министрите во неговата Влада кои потоа утре во резиденцијата „Бојана“ ќе одржат заедничка седница.

Првиот чекор кон посакуваното ново поглавје во односите меѓу Бугарија и С.Македонија го направи Скопје, со испраќањето нота до Обединетите нации за кратката употреба на името Северна Македонија. И двете страни ја прикажаа средбата на двајцата премиери како позитивна за својата земја. Според аналитичарот Благојче Атанасоски следните чекори кои ќе треба да се превземат треба да бидат претпазливи воедно и да не ја иритира јавноста во двете земји.

-Акт на добра волја, гест кој симболично треба да го означи новиот старт на меѓусебните односи, кои треба да финишира со деблокада на нашите евроинтеграции, почнување на преговорите со Европската унија, но и квалитативно уредување на севкупните односи со нашиот источен сосед со децении нанапред, односно да не се доведеме во ситуација, по евентуалната деблокада на европреговорите, по неколку години, поради националистичките влади во двете земји, и во официјална Софија и во официјално Скопје, пак да биде употребен инструментот вето, и ние да се вратиме наново на мртва точка. Затоа велам, претпазливо со доза на дипломатски такт и стратегија треба да се градат идните чекори, да не се иритира јавноста во двете земји, и на крајот со помош на меѓународната заедница (читај: Американците) да дојдеме до едно win-win решение за двете страни, или пак решение кое нема да биде протолкувано од едната страна како победа, а од другата како целосна капитулација,објаснува Благојче Атанасоски.

Toj коментира дека земјата е исправени пред една ситуација во која доколку го поставуваме прашањето за македонското малцинство, ќе добиваме тврда блокада од страна на источните соседи и ќе предизвикаме дупло голо.

-За жал, поради асиметричноста на спорот ( тие се внатре во ЕУ и го користат, т.е го злоупотребуваат инструментот вето, кој им го овозможуваат механизмите на Унијата), ние сме исправени пред една ситуација во која доколку го поставиме прашањето за македонското малцинство, ќе добиваме тврда блокада од страна на источните соседи и ќе предизвикаме дупло голо: ем нашето македонско малцинство нема да биде признаено во Бугарија како такво во Уставот, ем ние и нашите скоро 2 милиони граѓани ќе бидеме блокирани на патот кон ЕУ , а со тоа и оневозможени во нашиот државно-правен, економски и институционален развој. Во дадениов момент, најдобро е македонското малцинство таму, битката да ја продолжи и да ја води преку коридорите на европските судски инстанци ( меѓународниот суд за човекови права во Стазбург) и да притиска за имплементација на 16-те пресуди, и преку тие механизми да се обиде да биде признено и регистрирано, бидејќи секој обид од официјално Скопје ќе наиде на бес и гнев кај официјална Софија и ќе биде „аргумент плус“ за продолжување на ветото, односно агонијата. Од друга страна, тие за да ја префрлат „топката“ на полето на непочитување на човековите права ( правата на Бугарите и вметнување нивно во нашиот Устав), го измислија тој „проблем“, пред се претседателот Радев, за да најдат разбирање во очите на европските партнери , зошто нас не блокираат ( не можеа тоа да им го објаснат со тезите за „украдена историја“, вештачки создаден идентитет, вештачки конструиран јазик, бидејќи за цивилизирана Европа во 21 век тоа е тотално несфатливо и непоимливо). Веројатно пред наше полноправно членство во ЕУ, Бугарите како малцинство ќе бидат вметнати во нашиот Устав, заедно со Црногорците и Хрватите, подвлекув аналитичарот.

Во врска со тоа дали „ситното“ отстапување на Македонија може да доведе до губење на преговарачките позции, Атанасоски вели дека следејќи ја состојбата многу внимателно и Бугарија е убедени дека Македонија дава само добра волја и срдечни средби без да направи никакви ретерирања, односно без да ги реализира ветените работи од фамозниот Договор за добрососедство и пријателство,кои ги преземала како обврска.

-Проблемот е дотолку уште посложен што се гледа со целосно различни диоптриски позиции, и за да не биде претворен во уште еден децениски замрзнат проблем, кој ќе ги кочи нашите европски интеграции, т.е да не се претвори во нова голгота на меѓусоседските односи, каква што беше таа помеѓу нас и нашиот јужен сосед, па со децении да не може да напредуваме за милиметар кон ЕУ, треба што под итно да се постигне квалитативно решение, додека се уште има фокус, и каква таква заинтересираност на ЕУ и Американците, за негово „решавање“. Се друго ќе биде катастрофа и за Бугарија ( ако ќе сметаат дека се победници со ветото), но уште поголема за Македонија и сите нејзини граѓани, објаснува аналитичарот.

На прашањето дали во овие 6 месеци може да се најде компромис каде и двете страни би излегле како победници, аналитичарот Атанасоски вели дека мора да се најде бидејќи се друго би водело во амбис.

-Во моментот имаме двајца цивилизирани премиери, со дипломатски тон и реторика на меѓусебно уважување и почитување, и оттука ја црпам таа надеж дека постои мал прозорец на можности, кој со храброст, искреност, визија и решителност може да стане вистинска рамка на уредени односи во севкупното живеење и битисување на двата соседи народи, кои преку еден процес на квалитативни решенија ќе го постават патоказот на иднината, и на тој начин ќе излезат како победници од двете страни на границата. Се разбира фокусот ќе треба да биде ставен многу повеќе на економската соработка, стопанските врски, инфраструктурните проекти, соработката во образованието, културата, науката и уметноста, а не само во историските разделби и погрешно интерпретирани настани и дела. Патот ќе биде многу тежок и долг, но вреди да се изоди за иднината на генерациите кои доаѓаат од двете страни на Осоговијата, подвлекува тој.

Според аналитичарот изјавите на поранешниот вицепремиер за европски прашања Димитров кој го кој го нарече „новиот пристап“ на Владата кон Бугарија „салама политика“,се гневни со доза на патетичност.

-Освен гнев, бес и лутина, дека ќе треба да биде на (л)апанажа, народски кажано, од најголемиот клиентилист на сите времиња во македонската политика во овие три децении, кој ѓомити ќе се борел против клиентилизмот во партиите, јас не гледам рационалност во јавните настапи на овој дипломат и политичар, кој замислете го изврши „најголемото национално предавство“ и го смени името за севкупна употреба, а денес се промовира во најголем бранител и спасител на македонскиот национален идентитет и јазик. Гротеска и патетичност, ништо повеќе. И да, ако мислите дали со ова (не)свесно одигрува во полза на бугарските преговарачки позиции, визави нашите и дали ни ја ослабнува позицијата за излез во овој момент кој веројатно е клучен во наредните шест месеци, ќе кажам да, смета Атанасоски.

Б.М.

Слични содржини