Драма во Словенија: 90 планинари заробени во колиба на Триглав, меѓу нив и слепи лица (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska

Околу 90 планинари останаа заробени во колиба во Крма, долина во Националниот парк Триглав во Словенија. Меѓу нив има слепи и делумно слепи лица, пренесува „24ур“.

За време на невремето голем број дрвја паднале на патот кој сега е непрооден. Спасувачите синоќа успеале да стигнат до колибата и да им достават храна и лекови на планинарите, за полесно да ја поминат ноќта.

Меѓу заробените планинари има 35 слепи и делумно слепи лица и нивни придружници.

Планинското спасувачко друштво на Словенија на Фејсбук објави фотографии од своите луѓе кои се обидуваат да се пробијат до заглавените планинари.

Командантот на цивилната заштита Сречко Шестан ги критикуваше организаторите на патувањето.

„Укажувам на неодговорноста на оние кои го организирале ова. Со ваква временска прогноза ги одвеле тие луѓе на Триглав“, рече тој.

Се надева дека денеска во текот на претпладнето ќе успеат да ги спасат планинарите.

Невремето кое вчера најпрвин ја зафати Словенија, а потоа и Хрватска и Србија, предизвика големи штети во Радовнската котлина и нејзината околина, па затворен е патот што води од Згорња Радовна кон долините Крма и Кота.

Според командирот на ПГД Мојстран, екипите на терен ги елиминираат последиците од невремето, а споменатиот пат е единствениот начин за спасување на затрупаните планинари.

Да потсетиме, за време на невремето жртви имаше и во Словенија и Хрватска.

Слични содржини