Дурент побарал смена на тренерот Стив Неш за да остане во Бруклин

од Vladimir Zorba

Кевин Дурент е подготвен да остане во Бруклин Нетс, но само доколку се отпуштат главниот тренер Стив Неш и генералниот директор Шон Маркс. Ова го објави новинарот Шамс Шаранија од „Атлетик“.

Дурент, еден од најдобрите стрелци на сите времиња во историјата на НБА, два пати МВП на финалињата и големата ѕвезда на Нетс, имал разговор со сопственикот на тимот Џо Цаи. Во него 33-годишниот кошаркар ја изрази својата загриженост дека на тимот не му оди доволно и дека оди во погрешна насока, а Дурент е особено незадоволен од работата на Стив Неш. Канаѓанецот немаше тренерско искуство пред да го преземе Бруклин во 2020 година.

Поради своето незадоволство, на почетокот на летото Дурент објави дека сака да биде префрлен во друга екипа. Сепак, тој има уште четири години од актуелниот договор со Нетс, што е силен адут за сопственикот Џо Цаи. Засега бизнисменот нема намера да ги отпушти Маркс и Неш, а раководството е подготвено да почека додека да дојде највисоката понуда за Дурент.

Кевин Дурент минатата сезона играше на 55 натпревари, со просек од 29,9 поени, 7,4 скока и 6,4 асистенции по натпревар.

Слични содржини