Елиот Ејбрамс именуван за американски пратеник за Венецуела

од Vladimir Zorba

Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа го именуваше Елиот Ејбрамс за пратеник за „повторно воспоставување на демократијата“ во Венецуела.Ејбрамс е поранешен американски дипломат кој служел во администрациите на републиканските претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш Помладиот.

По именувањето на новата функција, Ејбрамс изјави дека кризата во Венецуела е „длабока, комплексна и опасна“.

Кризата во Венецуела ескалираше во четвртокот вечерта, кога спикерот на Националното собрание, Хуан Гуаидо се прогласи за времен венецуелски претседател на местото на шефот на државата Николас Мадуро, кој беше избран на таа функција минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и чии резултати беа оспорени од дел од меѓунардоната заедница, пред се од западните земји.

Набрзо по самопрогласување на Гуаидо, Вашингтон го призна за времен претседател на Венецуела, пример што го следеа уште неколку американски држави. Од друга страна, некои земји, меѓу кои и Русија и Турција, застанаа на страната на Мадуро.

По барање на САД денеска ќе се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на ОН посветена на случувањата во Венецуела, на која е најавено учество и на Помпео, кој се очекува да побара од меѓународната заедница да го признае Гуаидо за легитимен венецуелски претседател.

На седницата е нјавено присуство и на венецуелскиот министер за надворешни работи Хорхе Ареаза, кој е сојузник на Мадуро.

Слични содржини