„Епл“ ги повлече рекламите од „Твитер“, се огласи Маск: „Што се случува овде?“

од Vladimir Zorba

Сопственикот и директор на „Твитер“ Елон Маск денеска објави дека „Епл“ во голема мера престанал да се рекламира на оваа социјална мрежа.

„Епл“ е најголемата компанија која досега ги повлече своите реклами од „Твитер“ поради загриженоста за политиката за уредување на содржината на нејзиниот нов сопственик.

Претходно, компаниите „Џенерал Милс“ и „Ауди Америка“ го суспендираа или паузираа своето рекламирање.

– „Епл“ во голема мера престана да се рекламира на „Твитер“. Дали го мразат слободниот говор во Америка? Што се случува овде?, напиша Маск на „Твитер“.

„Епл“ се уште не одговорил на барањето да ја коментира оваа информација.

Највредната компанија во светот за рекламирање на „Твитер“ од 10 до 16 ноември потрошила 131.600 долари, додека во периодот од 16 до 22 октомври потрошила 220.800 долари.

Маск, кој се опишува себеси како апсолутен поддржувач на слободата на говорот, изјави претходно овој месец дека Твитер доживува голем пад на приходите и за тоа ги обвини активистичките групи кои вршат притисок врз огласувачите.

Слични содржини