Ердоган за нападот во Истанбул: „Турција ја продолжува борбата против сите терористички организации“

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека еден од ранетите во денешниот терористички напад пред зградата на судот во Истанбул починал и рече дека земјата продолжува со одлучната борба против сите терористички организации и оние кои ги поддржуваат.

Во рамки на одбележувањето на првата годишнина од разорните земјотреси на југот на Турција, Ердоган денеска присуствуваше на програмата за предавање на клучевите на новоизградените станбени единици во Кахраманмарас, а по тој повод го коментираше и денешниот терористички напад кој се случил пред судот во Истанбул и во кој беа ранети шест лица, меѓу кои тројца полицајци.

Честитајќи им на турските безбедносни сили кои со брзата реакција не им дозволија на терористите да ја постигнат зацртаната цел, Ердоган рече дека полицијата неутрализирала двајца терористи, жена и маж, и го осуетила нивниот подол терористички план.

„Турција ќе продолжи со одлучната борба против сите терористички организации и нивните поддржувачи, без да прави разлика меѓу нив. Му се молам на Бога за брзо закрепнување на нашите повредени. Посакувам Божја милост на починатиот. Ги бакнувам челата на нашите херојски полицајци“, рече Ердоган.

Потсетувајќи дека минатата година на денешен ден Турција ја погодија разорни земјотреси, Ердоган рече дека тоа е најголемата катастрофа во историјата на земјата и дека болката и сеќавањето на таа трагедија не бледнеат.

На 6 февруари 2023 година, во 04:17 часот по локално време, Турција беше погодена од земјотрес со јачина од 7,7 степени во областа Пазарџик во Кахраманмарас, а во 13:24 часот во областа Елбистан се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,6 степени.

Слични содржини