ЕУ: Новиот унгарски закон за заштита на националниот суверенитет прекршува закон на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија денеска оцени дека новиот унгарски закон за „заштита на националниот суверенитет“, за кој владејачката партија Фидес рече дека е неопходен за заштита од странско политичко мешање, прекршува закон на ЕУ.

ЕК соопшти дека испратила официјално известување до Унгарија дека ќе отвори случај за кршење на законот на ЕУ со усвојување на унгарскиот закон во декември, за кој вели дека ги крши демократските вредности на Унијата и основните права на граѓаните.

ЕК посочува дека унгарскиот закон го прекршува законот на ЕУ за заштита на податоците и неколку правила кои важат за внатрешниот пазар, објави „Ројтерс“.

Унгарија има два месеца да одговори на писмото на ЕК. Доколку Унгарија не одговори на жалбите споменати во писмото, ЕК може да одлучи да испрати образложено мислење, односно формално барање за усогласување со правото на ЕУ, како следен чекор во постапката.

Законот беше усвоен бидејќи унгарскиот премиер Виктор Орбан ја засили кампањата на својата партија пред изборите за Европскиот парламент во јуни, наведува британската агенција.

Според тој закон, ќе се формира посебно тело кое ќе го истражува и следи ризикот од политичко мешање.
Законот предвидува и казни до три години затвор за странско финансирање на партии или групи кои се кандидираат на изборите.

Слични содржини