ЕУ воведе санкции за поединци и ентитети од шест земји поради насилство врз жени

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија воведе санкции против девет лица и три субјекти одговорни за сексуално насилство и кршење на правата на жените во шест земји – Авганистан, Русија, Јужен Судан, Мјанмар, Иран и Сирија, се дозна денеска од дипломатски извори.

Објавувањето на санкциите, први во ЕУ насочени против сторителите на сексуално насилство, беше објавено во пресрет на Меѓународниот ден на правата на жените.

„Со воведувањето на овие санкции, ние испраќаме јасна порака до виновниците дека нивните злосторства нема да останат неказнети“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хекстра.

Списокот ќе биде објавен денеска во Службен весник.

Според документот до кој дојде агенцијата „Франс прес“, меѓу санкционираните лица се и двајца талибански функционери, министерот за високо образование Неда Мохамад Надим, одговорен за општото кршење на правото на жените на образование и министерот за промоција на доблести и спречување на криминалот Мохамед Калид Ханафи.

На списокот има и двајца полициски службеници од Москва, кои се прогласени за виновни за произволни апсења и тортура, како и двајца високи руски функционери за сексуално насилство и силување извршени во Украина во март и април 2022 година.

Двајца функционери на провладините милиции во Јужен Судан се исто така на списокот за систематска употреба на сексуално насилство како тактика на војна.

Санкциите го погодија и заменик-министерот за внатрешни работи на Мјанмар, Тоа Уи, поради неговата претходна улога како висок функционер во администрацијата на центарот за притвор во земјата каде што систематски се извршуваше сексуално насилство.

Казнети се три ентитети, женскиот затвор Карчак во Иран, Сириската републиканска гарда и Канцеларијата на војската (OCMSA) која ги надгледува центрите за притвор и испрашување во Мјанмар.

Слични содржини