Европската комисија предупредува на зголемена невработеност кај младите за време на пандемијата

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија ги повика земјите-членки на Европската унија да се борат со невработеноста кај младите, која во последните неколку месеци е зголемена поради пандемијата на коронавирус, пренесе „Индекс“.

За борба против невработеноста кај младите, Европската комисија предложи проширување на постојната програма за Гаранција на младите, која беше воведена во 2013 година.

Програмата предвидува на младите на возраст меѓу 15 и 25 години да им биде осигурана понуда за работа, понуда за стажирање или приправиштво или понуда за враќање на образованието во рок од најмногу четири месеци по завршувањето на образованието или започнување со невработеност.

Европската комисија сака таа старосна граница да се зголеми на 29 години.

Невработеноста кај младите расте двојно побрзо од општата невработеност

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис предупреди на фактот дека за време на пандемијата на коронавирус, невработеноста кај младите се зголеми двојно побрзо од општата стапка на невработеност.

Сега изнесува 15,4 проценти, но комесарите на Европската комисија на прес-конференција предупредија дека може да се искачи на нивоата од 2008 година, кога во некои земји-членки е регистрирана стапка од 50 проценти.

Европскиот комесар за труд и социјални права, Николас Шмит, рече дека ЕУ мора да се погрижи да не се случи втора „изгубена генерација“, термин што се користи за младите невработени заради светската економска криза во 2008 година.

„Сè уште не е дојдено до тоа, но постои ризик дека младите луѓе ќе бидат жртви на оваа пандемија“, рече тој.

Предлогот, исто така, предвидува посилен фокус на обука и развој на вештини за млади преку зголемување на инвестициите во вакви програми.

Слични содржини