Европската унија постигна договор за набавка на вакцини со Санофи и ГСК

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија се согласи да ја купи потенцијалната вакцина против КОВИД-19 од „Санофи“ и „ГлаксоСмитКлајн“, во друг ваков договор кој има за цел да обезбеди залихи, бидејќи се приближува крајниот рок за пристапување кон програмата „Ковакс“ за еднаков пристап на вакцини.

Според постигнатиот договор, ЕУ ќе купи до 300 милиони дози од британските и француските фармацевтски гиганти, се вели во твитот на Стела Киријакидес, европска комесарка за здравство. „Санофи“ и „ГлаксоСмитКлајн“ се надеваат дека вакцината, на која работат заедно, ќе добие лиценца за употреба следната година, пренесува „Ројтерс“.

Со денешната објава потврдена е најавата на овие две компании од 31 јули. Ова е втор договор на ЕУ за набавка на вакцината, откако претходно беше потврдено дека компанијата „АстраЗенека“ ќе ѝ обезбеди на Унијата до 400 милиони дози.

Европската комисија ќе финансира дел од трошоците на производителите на вакцини, чии дози ќе ги купуваат земјите на ЕУ.

Последниот договор на ЕУ ​​за набавка на вакцината е постигнат на денот на истекот на рокот за пристапување кон планот „Ковакс“, чија цел е да се обезбеди еднаков пристап до вакцините против коронавирусот.

Ниту една вакцина против коронавирус сè уште не е меѓународно одобрена.

Слични содржини