Филипче до Пендаровски: Сликите од Србија не се срам, тоа е солидарност

од Nikola Popovski

„Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја“, му одговори министерот за здравство, Венко Филипче на претседателот на земјава, Стево Пендаровски, откако тој претходно денес изјави дека сликите од викендов, каде што наши граѓани масовно заминуваа во Србија за вакцинација, се срам за нас и дека не треба да се повторат.

За Филипче, владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре.

„Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, стои во објавата на министерот.

Српската е-управа вчера објави дека околу 20.000 граѓани од странство се вакцинирале во нивните вакцинални пунктови, од кои најмногу биле од Македонија. Најмногу Македонците заминуваа на вакцинација во Белград и Ниш.

Слични содржини