Фитипалди: Алонсо има шанса за трета титула

од Vladimir Zorba

Емерсон Фитипалди и Фернандо Алонсо имаат само по две светски титули во Формула 1, но се меѓу најголемите ѕвезди во историјата на спортот. А Шпанецот сезонава успеа да го разнесе трансфер пазарот откако веднаш по трката во Унгарија најави дека за следната сезона ќе се пресели од Алпин во Астон Мартин.

Астон Мартин моментално ја зазема претпоследната позиција во поредокот, но претстојните подобрувања на инфраструктурата на тимот, ангажирањето нови луѓе и развојот на базата сугерираат дека тимот може да ги исполни амбициите на својот сопственик Лоренс Строл, кој сака да се бори за победи и титули.

„Дефинитивно, Фернандо има шанса за трета светска титула – прогнозира Емо, кој неодамна ја започна својата политичка кариера. – Алонсо е најискусниот пилот, тој е мотивиран и многу талентиран. Го покажа тоа оваа година. Одлуката на возачот да го промени тимот за кој вози е секогаш лична и тешко може да се процени од страна. Но, не можам да предвидам каде ќе биде Астон Мартин во поредокот следната година“, објасни Фитипалди за агенцијата „Ефе“.

Легендарниот Бразилец додаде дека е уверен дека Фернандо сè уште има амбиција и способност да се бори за третата светска титула што му бега повеќе од 15 години.

„Отсекогаш сум велел дека Фернандо е еден од оние возачи кои тргнуваат одзади, а завршуваат на предниот дел од колоната“, изјави Фитипалди. – Еден ден, кога веќе нема да има мотивација, ќе застане, но пред тоа треба да видиме до каде ќе стигне со Астон Мартин, да видиме дали тимот ќе одговори на неговите можности и амбиции. Ако тоа се случи, ќе биде уште поинтересно во Формула 1“.

Слични содржини