Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ на 150 семејства им додели вредносни ваучери

од Stefanija Kuzmanovska

Со слоганот „Мал дар – многу љубов“, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, по повод 16 Октомври – Светскиот ден на храната и 17 Октомври – Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, на 150 семејства од социјално ранливи категории од Битола, Штип, Кичево, Куманово и Струмица, им додели вредносни ваучери од 2.000 денари.

-Храната, како насушна потреба на секој човек и семејство, е една од главните компоненти за живот без сиромаштија. За жал, глобалната реалност вели дека еден дел од светот гладува, а останатиот има храна во изобилие, па дури големи количества храна и се фрлаат. Таквата слика мора да биде променета. Нерамномерната достапност до здрава храна, гладот и сиромаштијата се едни од најголемите проблеми во светот. Климатските промени, воените конфликти и светските економските турбуленции дополнително ја усложнуваат состојбата на тој план. На потег е совеста на светот и на сите општества во него. Борбата за храна и борбата против сиромаштијата треба да биде наша заедничка борба. Притоа, да дејствуваме согласно овогодинешната глобална порака за Светскиот ден на храната – „Никого не оставај зад себе“. Таквиот ангажман сигурно ќе најде своја рефлексија и врз одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, истакнуваат од Фондацијата.

Оттаму нагласуваат дека заеднички стремеж на сите треба да биде: храна за сите, сиромаштијата за никого. А до исполнувањето на тој стремеж, нужно е да останеме луѓе, вреди да бидеме човечни кон секого, потенцираат од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“.

Слични содржини