Франција: Имаме поддршка од Европа по „заплашувањето“ заради карикатируте

од Stefanija Kuzmanovska

Франција „никогаш нема да се откаже“ од поддршката за слободата на изразување и покрај „заплашувањето“, рече владиниот портпарол Габриел Атал, додека вербалните напади од страна на турските власти стануваат сè поостри.

На прашањето да ги коментира турските критики за карикатурите објавени од списанието „Шарли Ебдо“, Атал рече дека постои „големо европско единство“ за поддршка на Франција и „принципите и вредностите што ги брани Франција“.

Тој рече дека неодамнешните напади на турски официјални лица на неделникот се „полни со омраза“, објави ДПА.

Говорот на омраза против новинарите е одговорен за терористичките напади во Франција во последниве години, рече Атал, очигледно осврнувајќи се на нападот во канцелариите на Шарли Ебдо во јануари 2015 година, во кој беа убиени 12 лица.

Турција го обвини неделникот „Шарли Ебдо“ за „културен расизам“, односно поради насловната страница на сатиричното списание објавено во средата, во кое се исмева турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Слушнав дека ова списание во Франција, кое објавуваше презирно вредни и неморални карикатури за нашиот пророк, сега ме зема мене за мета со карикатура на насловната страна“, рече Ердоган и додаде дека тој не ја видел.

На насловната страница на неделникот стои карикатура на Ердоган во бела маица и долна облека и кој седи во фотелја. Во едната рака држи конзерва пијалок, а во другата го крева фустанот на жена облечена во хиџаб и го открива нејзиниот гол задник и вели „Ох, пророку!“.

Насловот на изданието е: „Ердоган – приватно е многу забавен“.

„Не сум тажен и лут заради овој одвратен напад врз мене, туку затоа што истото тоа списание е извор на бесрамен однос кон нашиот сакан пророк“, рече Ердоган.

Тој им се обрати на членовите на владејачката Партија на правдата и развојот во Анкара, кои го придружуваа неговиот говор со одобрување и неколку минути аплауз.

„Омразата се шири како рак“

„За жал, минуваме низ период кога омразата кон исламот и муслиманите и непочитувањето кон нашиот пророк се шири како рак, особено меѓу лидерите во Европа“, рече Ердоган пред парламентарната група на неговата партија.

Посочи дека западните земји кои го напаѓаат исламот сакаат повторно да започнат крстоносни војни.

Во меѓувреме, јавниот обвинител на Анкара започна истрага против администрацијата на „Шарли Ебдо“, а адвокатите на Ердоган поднесоа кривична пријава против неделникот, објави новинската агенција Анадолија.

Истрагата и тужбата важат според турскиот закон затоа што навредите биле упатени кон претседателот.

Кризата меѓу Франција и Турција изби откако Макрон вети, оддавајќи му почит на Самуел Пети, професор кој беше обезглавен на 16 октомври за прикажување карикатури на пророкот Мухамед на час, дека Франција ќе продолжи да го брани правото на слобода и таквото изразување

Ердоган, кој го доведе во прашање „менталното здравје“ на Макрон, го обвини во понеделникот дека „водел кампања за омраза“ против муслиманите.

Ердоган во понеделникот повика на бојкот на француските производи заради ставовите на Макрон за карикатурите на пророкот Мухамед, што муслиманите ги сметаат за богохулство, по сличните постапки во земјите со муслиманско мнозинство.

Фахреттин Алтун, советник на Ердоган, рече дека „антимуслиманската агенда на Макрон е плодна“.

„Очигледно е производ на ксенофобичното, исламофобично и нетолерантно културно опкружување што се чини дека француското раководство го посакува за својата земја“, рече Алтун.

Турција и Франција исто така се разликуваат во гледиштата за дупчењето и поморските права на истокот на Средоземното море, конфликтот во Либија и неодамнешниот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија за регионот Нагорно Карабах.

Непријателите на исламот и Турција „ќе се удават во мочуриште на огорченост и омраза“, рече Ердоган, додавајќи дека тоа се знаци дека Европа се враќа во „период на варварство“.

 

Слични содржини