Германската амбасадорка во Канада била дел од скандалот во Парламентот кога беше поздравен нацист

од Radmila Tasevska

Министерството за надворешни работи на Германија потврди дека амбасадорката на таа земја во Отава, Сабине Спарвасер била дел од скандалот во канадскиот парламент, кога присутните со овации го поздравија поранешниот украински СС офицер.

Портпаролот на Министерството, Себастијан Фишер, на прес-конференција изјави дека германската амбасадорка додека му аплаудирала на Јарослав Хунка, не знаела за неговото минато и за неговата поврзаност со единиците Вафен СС.

Во петокот, членовите на канадскиот парламент стоечки му аплаудираа на 98-годишниот Хунка, кој им беше претставен за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во овациите учествуваа и Зеленски и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Спарвасер едноставно не знаеше за нацистичката припадност на Хунка кога таа им се придружи на другите во аплаудирање, вели Фишер. Тој рече дека инцидентот е неприфатлив, но додаде дека вистинскиот идентитет на Хунка не и бил познат на германската дипломатка, бидејќи неговото присуство не било однапред најавено.

Сепак, медиумите посочуваат дека претседателот на канадскиот Долен дом Ентони Рота, го претставил Хунка како „борец за независност на Украина против Русите“, што, како што се додава, сугерира дека тој служел на страната на силите на Оската.

На прашањето како е можно Спарвасер да не сфатила каква е припадноста на Хунка, иако било кажано дека се борел против Црвената армија, Фишер рече дека имало „други можни објаснувања“ за неговата улога во војната.  На пример, вели Фишер, Хунка можел да биде борец во Полската татковинска војска, која се бореше и против германските и против советските сили.

Ентони Рота во вторникот поднесе оставка од функцијата и се извини за грешката.

Слични содржини