Германските бизнисмени против ограничување на бројот на работниците од Балканот

од Vladimir Zorba

Според посебна регулатива, луѓето од Западен Балкан можат да работат во Германија од 2016 година. Сега Берлин сака да го ограничи приливот на таа работна сила на 25.000 луѓе годишно. Германските бизнисмени протестираат, пишува ДВ.

„Терминот не звучи спектакуларно, но опишува успешен модел на германската политика за миграција. Регулативата за Западен Балкан, која е во сила од јануари 2016 година, отвори можности за вработување во Германија за луѓе од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, а во исто време ја намали илегалната имиграција“, пишува „Ханделсблат“.

Весникот понатаму наведува дека „не само компаниите, туку и германските фондови за социјално осигурување имаат корист од дополнителната работна сила“. Сепак, сојузната влада сега сака да го ограничи приливот на работници од тие земји. Министерствата во моментов разговараат за нацрт со кој ќе биде поставен годишен максимум 25.000 работници од Западен Балкан“.

Тесно грло по криза

Нацртот беше критикуван од повеќе страни, пишува „Ханделсблат“ и го цитира политичарот Дитер Јанеке дека е „бесмислен, кратковид и целосно погрешен сигнал“.

Отпорот се формира и во економијата, продолжува германскиот весник. „Ахим Деркс, заменик извршен директор на Германската трговска комора (ДИХК), вели дека по кризата, кога повторно ќе се зголеми побарувачката за квалификувани работници, предвидениот контингент може да стане тесно грло. Сличен став има и Федералното здружение на германски здруженија на работодавачи (БДА)“, пишува Ханделсблат.

„Федералната влада ја оправдува реформата од една страна со фактот дека постојната регулатива истекува на крајот на годината, а од друга страна потенцира дека високата побарувачка за визи претставува огромен товар за конзулатите во Западен Балкан. Долгото чекање за виза доведува до незадоволство на работодавците и работниците, според нацрт-законот.

„Наместо да поставуваат квота, политичарите треба да воведат поефикасни процедури за издавање визи“, вели Деркс од ДИХК и додава дека дигитализацијата би можела значително да помогне таму“, наведува Хенделсблат.

Барана професија: армирач

Весникот потоа пишува за важен аспект за германската јавност, имено дека „студијата на експерт за миграција Херберт Брикер и неговите колеги од Институтот за истражување за вработување (ИАБ) покажува дека стравувањата за прилив на работници од Западен Балкан не се остварија“. Учеството на невработените и примателите на социјална помош кај оние што спаѓаат според Регулативата за Западен Балкан е најмал во однос на сите други групи мигранти.

Граѓаните од Западен Балкан, исто така, се справија подобро во однос на вработеноста и стабилноста на платите. Повеќе од половината од нив (54%) работат како професионалци или квалификувани работници, додека 42 проценти работат како таканаречени помошни работници “.

Ханделбалт истакнува дека „има особено многу вработени од Западен Балкан во Германија во градежната индустрија, која силно се залага за проширување на Уредбата“. Централното здружение на германската градежна индустрија (ЗДБ) проценува дека околу 50.000 градежни работници од Западен Балкан работат на германски градилишта, вклучително и зармирачи, кои тешко се наоѓаат во Германија. Затоа ЗДБ го поздравува фактот дека владејачката коалиција ја прошири Регулацијата за Западен Балкан “.

Административните проблеми се решени

„Експертите за миграција на ИАБ, исто така, во својата студија посочуваат дека недостатокот на капацитет во разни државни институции понекогаш довело до долги чекања за визи и со тоа е ограничено спроведувањето на Регулативата за Западен Балкан. Ситуацијата е влошена, особено во одделите за визи во конзулатите, кои во моментов работат со намален обем поради пандемијата на коронавирус“, се наведува во германскиот весник.

„Но, овие административни проблеми се решливи“, потенцира Јанеке: „На нашите компании им е потребна секоја можна поддршка, токму заради кризата предизвикана од пандемијата на корона. Наместо итно неопходно зајакнување на германската економија, промената на Регулативата за Западен Балкан ќе донесе само бирократија и непријатности за нашите компании“, вели Дитер Јанеке, заклучува написот на Хенделсблат.

Слични содржини