„Големата вест“ на Трамп: Машините Доминион се катастрофа – го сменија изборниот резултат

од Stefanija Kuzmanovska

Системот за гласање „Доминион“ е дизајниран да дозволи грешки што овозможуваат системска кражба и влијание на изборните резултати, е заклучокот од извештајот што го сподели американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.

Извештајот ги анализира изборите во округот Антрим, Мичиген и е направен по наредба на судот.

„Ова е голема вест. Машините „Доминион“ се катастрофа низ целата земја. Тие го сменија резултатот од изборите каде имаше јасно мнозинство. Не можеме да го дозволиме тоа“, напиша Трамп на Твитер и додаде дека судијата што наредил да се направи анализата треба да биде одликуван.

Извештајот, направен од Allied Security Operations Group од Далас, сопственост на Расел Рамсленд, кој соработуваше со Трамп во некои тужби за нерегуларности при изборите, беше направен и објавен по наредба на судијата Кевин Елсенхајмер од Мичиген. Извештајот е направен во судска постапка иницирана од граѓанинот Вилијам Бејли, која ги оспорува резултатите од изборите, пренесоа американските медиуми.

Во извештајот се наведени примери за пребројување на гласовите преку машината „Доминион“, кои покажуваат дека се добиени три различни резултати во три различни дена.

Додадено е дека сите безбедносни логови на машините биле избришани пред 4 ноември, што го оневозможило докажувањето дали има некаква манипулација и дека тие имаат сериозен безбедносен проблем.

Компанијата со седиште во Далас наведува дека машините имаат „маргина на грешка од 68,05 проценти, иако законот дозволува 0,008 проценти“.

Исто така, се наведува дека машините ги делат гласачките ливчиња во две групи, нормални и оние на кои им е потребна потврда. Потврда даваат администраторите кои можат да ги менуваат гласачките ливчиња, но на начин да нема трага од кој администраторот кој ги сменил резултатите.

Заклучено е дека резултатите од изборите во областа не можат да бидат признаени поради големата можност за грешка и манипулација со изборните резултати.

Официјални лица од Мичиген го отфрлија извештајот. Џонатан Бретер, шеф на изборната комисија во Мичиген, на судското рочиште рече дека извештајот „извлекува серија заклучоци без докази, претставува измама и прикриени процеси кои лесно можат да се објаснат како рутински изборни процедури или корекции на грешки и сугерира, без образложение дека елементите на изборниот софтвер што се користат во Мичиген се одговорни за грешки што или не постојат или лесно се објаснуваат“, рече тој.

Слични содржини