Ѓурчески: Челниците на ФФМ не смеат да си доделуваат премии, тоа е можно само преку статутарното Собрание

од Nikola Popovski

„Тие 300.000 евра значат една добра подлога на терен од типот на тоа што се игра во првите лиги во најсилните фудбалски првенства“, изјави поранешниот член на УО на ФФМ, Љубомир Ѓурчески за емисијата „Утрински брифинг“, по повод премијата што си ја доделија претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини заедно со членовите на Управниот одбор, кои се почестиле по 20.000 евра.

Според Ѓурчески, Собранието на ФФМ согласно статут е единствен надлежен орган за доделување на награди на организацијата на управување.

„Вработените се наградени согласно Законот за работни односи и колективен договор, а наградата на репрезентацијата си е регулирана со правилник во фудбалската федерација“, истакна тој.

За поранешниот член на УО, Горан Пандев го дигнал гласот затоа што во доделувањето на наградите се изземени одредени фудбалери кои биле повикувани во репрезентацијата.

Ѓурчески пред неколку дена во Фејсбук статус ги прозва челните лица во ФФМ.

„Наградата-бенифициите на членовите на УО се сведени на исплата на месечен паушал како и патување со репрезентациите и сместување во хотели според прописи на ФИФА и УЕФА на меѓународни натпревари, бесплатни влезници во ВИП ложа на домашните натпревари како и патни и дневни трошоци кога доваѓаат на седници во ФФМ. Други награди може да доделува само СОБРАНИЕТО на ФФМ како највисок орган на РАКОВОДЕЊЕ. Тие награди може да се парични или проследени со Плакети, Благодарници, Дипломи и други споменари. Ове награди првенствено се за стимул на младинските категории во фудбал, за постигнати високи спортски резултати, благодарност кон спонзори и донатори, награди за минал труд со успешна работа и тн.

Санкцијата според ДП на ФФМ е во висина од најмалку две години суспензија и забрана за вршење на било каква дејност поврзана со Фудбалот до доживотна забрана за вршење на дејност во фудбалот. Ако сме за реформи оваа криминогена структура која сега раководи со ФФМ мора да биде збришана и фрлена на буниште за да сите други раководства имаат пред себе пример како нетреба да се работи“, напиша Ѓурчески.

Капитенот на репрезентацијата, Горан Пандев пред неколку дена ѝ објави војна на ФФМ посочувајќи дека луѓето таму работат само лични интереси.

Доста се криевте зад резултатите на репрезентацијата, сигурно паметот уште ви е во огромните премии што ги поделивте на наш грб, на грбот на репрезентацијата, што гиневме за македонскиот дрес“, прокоментира Пандев.

Слични содржини