Гвинет Палтроу на суд: Обвинета за нанесување сериозни повреди на маж на скијање

од Stefanija Kuzmanovska

Актерката Гвинет Палтроу во вторник ќе мора да се појави пред американскиот суд поради несреќата која се случила на скијање во Јута во 2016 година, јавуваат странските медиуми.

Имено, пензионираниот очен лекар Тери Сандерсон тврди дека актерката го удрила во ски-центар во Парк Сити, Јута, возејќи „целосно надвор од контрола“ и дека го удрила, по што тој се здобил со повреда на мозокот, четири скршени ребра и „уште некои посериозни повреди“.

Според информациите, судската постапка треба да трае осум дена, а ќе бидат присутни Гвинет и членовите на нејзиното семејство. Сандерсон сега наводно бара отштета од 300.000 долари, откако претходното барање со кое бараше 3,1 милион долари беше отфрлено.

„Овој случај се однесува на несреќа на скијање во скијачкиот центар Deer Valley, каде што обвинетата, Гвинет Палтроу, скијала без контрола, удирајќи го во грб Тери Сандерсон кој се спуштал по патеката. Притоа таа го соборила, што резултирало со повреда на мозокот, четири скршени ребра и други тешки повреди. По судирот, Палтроу станала, се свртела и продолжила да скија, оставајќи го Сандерсон запрепастен и сериозно повреден да лежи во снегот“, се вели во првичната жалба поднесена во 2019 година.

Понатаму се наведува дека инструкторот кој ја обучувал актерката не дошол на помош на Сандерсон, ниту пак испратил помош, а подоцна го обвинил Сандерсон дека ја предизвикал несреќата. Тери ја поднел својата тужба дури три години по инцидентот, а објаснил дека тоа го направил доцна бидејќи имал проблеми со адвокатите и затоа што „не можел нормално да функционира поради потрес на мозокот“.

Меѓутоа, Гвинет подоцна поднела противтужба во која се тврди дека мажот ја удрил неа и дека била толку потресена што „тој ден веќе воопшто не скијала со своето семејство“ и дека Сандерсон ѝ се извинил и ѝ рекол дека е добро.

Слични содржини