Харадинај Стубла: Белград не спроведува договори

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај Стубла, изјави денеска на седницата на Советот за безбедност на ООН дека Белград го попречува приемот на Косово во меѓународните организации, вклучително и Интерпол.

Харадинај Стубла, по повод обвинувањето на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека властите во Приштина не ги спроведуваат договорите, контрираше дека „Белград всушност е тој кој не ги спроведува договорите“.

Претставникот на Приштина ја обвини Србија „дека не признава вина за минатите конфликти“ и посочи дека „мирот во регионот нема да биде можен додека косовските Албанци не добијат правда“. Според неа, активното помирување е единствениот пат напред.

Таа додаде дека „Косово верува во владеењето на правото, но и во праведната војна водена од припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК)“.

Харадинај Стубла, исто така, ја обвини Србија за кршење на неколку точки од договорот од Вашингтон, повикувајќи се на мораториумот, 5Г и исчезнатите лица, како и нарушување на стабилноста во регионот.

„Република Косово е подготвена да биде пријателски сосед на Србија“, рече претставникот на Приштина, додавајќи дека е време да се оди напред кон „конечно помирување“.

За време на сесијата, рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, остро ја предупреди Харадинај Стубла дека ќе биде исклучена од следната средба доколку бидат прикажани косовските симболи.

„Условите под кои косовските претставници можат да учествуваат на седниците на Советот за безбедност се јасно поставени“, рече рускиот амбасадор.

Рускиот амбасадор протестираше затоа што на мрежната сесија на претставникот на Приштина се гледаше знамето на Косово.

Амбасадорот на Русија, кој во моментов претседава со Советот за безбедност на ООН, рече дека е недозволиво да се кршат правилата за учество на Косово на седниците на Советот за безбедност на ООН.

„Повторно на екранот ги гледаме атрибутите на т.н. државност на Косово “, рече амбасадорот.

„Потсетуваме дека Советот за безбедност донесе правила за учество на седници кога станува збор за претставниците на Косово и тие мора да се почитуваат. Покрај тоа, како претставник на Русија, сакам да кажам дека на тој начин се доведува во прашање нашата согласност за поканата за Косово да учествува на следната сесија“, додаде Небензја.

Слични содржини